„На секој политички лидер и новинар кој држи и пишува говори: Не можете да го спасите Навални. Сè уште можете да го спасите Асанж. Ако молчите сега, кога всушност можете да влијаете на исходот, никогаш и не сте се залагале за принципи – само сте се надевале на аплауз“, напиша Сноуден на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека „жртвата на Асанжовото ‘злосторство’ (новинарството) е државата, а не личност“.
„Тоа е дефиниција за политички престап, што договорот за екстрадиција меѓу САД и Велика Британија изречно го забранува“, рече Сноуден, кој се наоѓа во Русија од 2013 година, каде што доби азил и државјанство откако објави серија тајни документи за американски и британски програми за надзор.
To every political leader and journalist making and writing speeches: You can’t save Navalny. You *can* still save Assange. If you’re silent here, when and where you can actually influence the outcome, you were never standing up for principles—you were just hoping for applause. https://t.co/RRPSoAgiGe
— Edward Snowden (@Snowden) February 20, 2024
Првиот ден од сослушувањето во врска со жалбата на Асанж против одлуката за екстрадиција во САД заврши во вторникот во Високиот суд во Лондон. Адвокатите на основачот на „Викиликс“ изјавија дека се работи за политички мотивиран случај и дека на нивниот клиент му биле прекршени човековите права.
Продолжението на судењето е закажано за денеска, кога пред судот ќе се обратат американски адвокати. САД бараат екстрадиција на Асанж заради објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на ОК одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека може да изврши самоубиство во американски затвор поради лошото ментално здравје.
Порталот Викиликс на Асанж стана познат во 2010 година кога објави видео од американската војска во кое десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс, беа убиени во напад на хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година.
Потоа, беа објавени илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.
Во САД, Асанж е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде прогласен за виновен, може да добие и до 175 години затвор.