вторник, 22 октомври 2024

Словачка ја прекинува испораката на оружје за Украина

Новиот словачки премиер Роберт Фицо денеска објави дека ја прекинува испораката на оружје за Украина и ја ограничува словачката поддршка за соседната земја „на хуманитарна и цивилна помош“.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние ја сметаме помошта за Украина само како хуманитарна и цивилна помош, нема да испорачаме оружје на Украина“, рече Фицо еден ден откако стана шеф на коалициската влада поврзана со крајнодесничарската проруска партија.

Кремљ денеска одделно оцени дека одлуката на Словачка да ја запре испораката на оружје за Украина на ниту еден начин нема да го промени конфликтот, со оглед на минималниот удел на земјата во западните испораки на оружје за Киев.

„Уделот на Словачка во испораката на оружје (во Киев) навистина не беше толку голем и затоа тоа воопшто нема да влијае на целиот процес“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Тој уште еднаш ги обвини САД дека го поттикнуваат конфликтот со тоа што ѝ обезбедуваат помош на Украина.

Фицо вчера ја презеде премиерската функција по четврти пат откако неговата левичарска партија Смјер победи на парламентарните избори во Словачка на 30 септември.

Фицо формираше парламентарно мнозинство потпишувајќи договор за коалициска влада со левичарската партија Хлас и ултранационалистичката Словачка национална партија, која е силно проруска.

Победата на Фицо може да означи драматичен пресврт во надворешната политика на земјата и може да го поткопа кревкото единство во Европската унија и НАТО.

Фицо ќе ја има првата шанса да ги изнесе своите ставови на дводневниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел, кој започнува во четврток.

Словачка, земја со 5,5 милиони жители, досега беше непоколеблива во својата поддршка за Украина откако Русија окупираше големи делови од земјата во февруари 2022 година. Таа му даде оружје на Киев и ги отвори границите за бегалците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ