Последните активности на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола го предизвика вниманието на јавноста. Најпрво дојде одлуката на Министерството за култура на Македонија да не ја финансира познатата манифестација на ова ликовно студио – Мал битолски Монмартр. Потоа на сцена се појави бугарскиот бизнисмен Милан Врабевски кој ги финансираше бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, а 18.000 евра донираше и за ликовното студио под водство на Неделковски. После оваа донација децата од ликовното студио во неколку наврати беа во Софија каде што имаа средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со синот на Цар Борис III, бугарскиот престолонаследник Симеон втори.
За оваа донација Врабевски од Мал битолски Монмартр доби признание Мецена на годината за 2023.
Славчо Неделковски во Битола е познат како поранешен новинар. На интернет за него може да се види дека има прилично впечатлива биографија. На Линкд-ин тој е советник за надворешни работи во Стејт департментот веќе 13 години, студирал осум години психологија и управување со човечки ресурси во јавна администрација на универзитетот Стенфорд во Калифорнија, студирал и политички науки и безбедност на владини системи на Стенфорд...
Тој од неодамна поседува и блог на кој објавува бројни авторски статии за историски прашања, главно поврзани со Македонија и Бугарија. Неделковски на пример има сериозни дилеми во однос на злосторството во Ваташа за време на Втората светска војна. „…Но, ако ги согледаме детално фактите ќе откриеме дека зад тој навистина трагичен инцидент повторно надничат демоните на големосрпскиот шовинизам од периодот во кој се случиле“, пишува Неделковски.
Тој на својот блог прашува зошто има толкав гнев за терминот „бугарските фашистички окупатори”? Неговиот одговор е следен: „Според Лозанската конвенција војска која е распоредена на територија во чиј состав се регрутирани до 15% од локалното население тоа не може да се смета за окупација. А според податоците на генерал Бојдев 85% од составот на неговата Петта армија која е распоредена во Вардарска Македонија се локална младина. Можно ли е локални војници да се окупираат сами себе? Истиот процент важи и за офицерскиот кор, а подофицерскиот кор е 100% локален. Историски и правно најправилен термин е земја под управа на Бугарија, поточно токму она што и познавачите на военото право го генерираат како административни властодржци кои не се директни владетели“, смета Неделковски.
За него е неспорно и тоа дека Никола Вапцаров е бугарски поет.
Еве го ставот на Неделковски и за Илинденското востание: „Илинденско – Преображенското востание за волја на вистината претставува круна на бугарското националноослободително движење по историографските наоди што е причина квази историчарите математички да го поделат на ‘наше’ и ‘ваше’. Основа за ваква констатација можеме да најдеме во бројот на востаници – околу 26.000 во чисто географски размери на револуционерната борба, а покрај Бугарите учество во него зеле и претставници на други групи како Власите и Грците“.
Од 3 до 8 јули 15 деца од Битола кои членуваат во ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ од Битола беа во Софија, Бугарија на покана на (новиот финансиер на битолски Монмартр) фондацијата Бугарска меморија на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски како дел од второто издание на Мал Монмартр во Софија. Во бугарските и дел од македонските медиуми беа објавени фотографии од децата од Битола на средба со бугарскиот претседател Радев. Едно од децата со кое се сликал Радев има 9 години. Според соопштението од кабинетот на претседателот Радев, тој се сликал со децата, им читал извадоци од книгата „Малиот принц“ на Антоан Сент Егзипери, за после тоа книгата да му ја подари на најмладиот уметник од Битола.
„Многу ми е драго што денес можам да ве примам вас, млади луѓе без никаков страв, без никакви предрасуди. Силно верувам дека примерот што го давате ќе го следат и политичарите од двете страни – да заборават на стравот, да ги заборават предрасудите, да направат она што нѐ поврзува – нашата заедничка милениумска историја – да биде мост, а не да нѐ разделува, и тоа токму во името на нашата заедничка европска иднина“, им рекол Радев на децата.
„Сакам да ве уверам, особено нашите гости од Северна Македонија, дека бугарската држава подава рака за искрено пријателство со нашите браќа и сестри од Северна Македонија. Верувам дека и оваа рака ќе биде примена на чесен начин, за во иднина да се отстранат сите пречки – било физички граници или предрасуди – за да можеме навистина да ја изградиме нашата заедничка иднина“, додал Радев пред децата.
За Неделковски нема ништо спорно во гостувањето и јавно објавените заеднички фотографии на малолетните деца од Битола со челниците на бугарската држава, или со кои било други политичари, со оглед на тоа што последниот период патувале и во други европски земји.
Првата детска амбасада Меѓаши веднаш реагираше со квалификација дека се работи за политичка злоупотреба на децата. Потоа, министерот за внатрешни работи на Македонија Оливер Спасовски изјави дека МВР ќе испрати известување до Основното јавно обвинителство од Битола за да се испита дали има злоупотреба на деца за политички цели. Се чека одговорот од ОЈО Битола.
А.Д.