Како што информираше Обвинителството, пред куќата на таткото на жртвата двајцата обвинети дошле заедно со такси и го повикале oштетениот да излезе. Кога тој се појавил на влезната врата, првообвинетиот извадил пиштол и истрелал еден проектил директно кон оштетениот. Тој го забележал оружјето навреме и веднаш се повлекол зад вратата која автоматски се заклучува, а куршумот завршил во ѕидот, веднаш до рамката од влезната врата.
„Обвинетиот почнал да тропа и да удира со нога по вратата, обидувајќи се насилно да влезе во куќата, но не успеал, по што двајцата обвинети заедно избегале. Вториот обвинет, за да му помогне на првообвинетиот по извршеното кривично дело, го зел кај себе пиштолот. На 23 декември 2024 година со истиот пиштол сторил кривично дело предизвикување општа опасност за што врз основа на признание на вина е осуден на 22 јануари 2025 година. Надлежниот јавен обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот. Вториот обвинет, пак, се наоѓа во притвор до правосилност на пресудата за предизвикување општа опасност која му е изречена“, соопштија од ОЈО Скопје.