Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите Скомраси. Како и во минатото, така и денес тие продолжуваат да размислуваат и создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на овогодишното издание акцентот го ставаат и на своите “улоги” во уметноста во новото време, што се одликува со се поголема “улога” на вештачката интелигенција.
Отворањето на Скомрахи е закажано за 1-ви ноември, во Драмскиот театар – Скопје, со краткиот филм „Тага“, во режија на Тина Величковиќ и дипломската театарска претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“, во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на ФДУ. Целата останата програма на средбите е објавена на социјалните мрежи и веб-страната на ФДУ, а публиката е добредојдена со бесплатен влез за сите настани. Средбите се поддржани од ФДУ/УКИМ и Министерството за култура на Македонија.