сабота, 23 ноември 2024

Сирија го продолжи рокот за пристап до хуманитарна помош преку два гранични премини

Објавено на

часот

Сподели

Сирија ја продолжи за три месеци дозволата за испорака на хуманитарната помош до бунтовничките области погодени од земјотресот преку два гранични премини од Турција, соопштија денеска од ОН.

По барањето на ОН за продолжување на дозволата што истече во саботата, сириските власти ги информираа ОН дека дозволата се продолжува за три месеци за граничните премини Баб ал Салама и Ал Раи, изјави за Франс прес неименуван портпарол на Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања.

Во 2014 година, со резолуција на Советот за безбедност на ОН беше одобрен механизам за користење на неколку гранични премини за испорака на хуманитарна помош до областите под контрола на бунтовниците во северна и северозападна Сирија, дом на повеќе од четири милиони луѓе.

По силниот земјотрес на 6 февруари што ги потресе Турција и Сирија, невладините организации го критикуваа бавното пристигнување на помошта од ОН во тие области, каде што населението и пред земјотресот веќе живеело во тешки услови.

Една недела подоцна, сириските власти прифатија дека ОН користат два гранични премини со Турција за транспорт на шатори, ќебиња и медицински материјали против колера.

Според ОН, на Сирија ќе и бидат потребни најмалку 15 милијарди долари за да закрепне од земјотресот во кој загинаа околу 6.000 луѓе.

Од 2011 година Сирија е опустошена и од граѓанската војна во која загинаа повеќе од половина милион луѓе, а неколку милиони се раселени или пребегаа во други земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ