сабота, 9 ноември 2024

Иран најави огромно зголемување на буџетот за одбрана

Владата на Иран денеска предложи зголемување на буџетот за одбрана за 200 проценти за следната фискална година, која започнува во март 2025 година, во услови на зголемени тензии со Израел. Израел нападна воени цели во Иран во саботата, како одговор на иранскиот ракетен напад врз Израел на 1 октомври.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иран го оправда својот напад како одмазда за израелското бомбардирање на Либан, во кое загина проиранскиот лидер на Хезболах Хасан Насрала. Тоа беше одмазда за атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Ханије на иранска територија, што Техеран му го припиша на Израел.

Со оглед на регионалниот контекст, иранската влада предложи „значително зголемување на воениот буџет на земјата за повеќе од 200 отсто“, рече владиниот портпарол Фатемех Мохаџерани. Тој не кажа точно колку пари ќе бидат наменети за воениот буџет.

Иранската влада не го објави износот на воениот буџет за 2024 година. Но, најголемиот дел од него е наменет за Револуционерната гарда, моќна идеолошка војска која го брани иранскиот режим, според официјалната новинска агенција Ирни. Останатиот дел е поделен на главниот штаб на вооружените сили и на редовната армија.

Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), воените трошоци на Иран во 2023 година биле речиси 10,3 милијарди американски долари. Ова не ги вклучува трошоците за Чуварите на револуцијата. Според СИПРИ, израелскиот воен буџет се зголемил во 2023 година за 24 отсто во споредба со претходната година и изнесувал 27,5 милијарди долари.

Од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, Израел доби голема воена помош од своите сојузници, првенствено од САД. САД трошат најмногу во светот за одбрана – 916 милијарди долари во 2023 година, покажуваат достапните податоци. Иранскиот парламент денеска ги одобри главните црти на буџетот за фискалната 2025-2026 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ