понеделник, 28 октомври 2024

Силно невреме ја зафати Грција: поплавени улици, громови, пожари (ВИДЕО)

Силно невреме ја зафати Грција, пренесуваат грчките медиуми. Временските непогоди веќе предизвикаа проблеми на северот на Атика и областите на централна Грција и Самотраки.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Во повеќе делови од земјата веќе има поплави, додека ударите од гром предизвикуваат пожари. Националната опсерваторија регистрирала околу 400 удари од гром за два часа.

Врнежи ги погодија градовите Дионис, Агиос Стефанос и Спати. Силен дожд падна и во Елефсина.

Нешто по 12 часот беше испратена порака до мобилните телефони на жителите на Атика поради влошување на времето во следните неколку дена. Главните карактеристики на лошото време се дожд, невреме и грмежи.

Особено драматично беше во Солун, каде што поројните води драстично го забавија и го прекинаа сообраќајот. По улиците дури пливаа контејнери за ѓубре.

Граѓаните и туристите во Солун, Лариса и други области на северна Грција денеска добија предупредување во форма на итна СМС-порака дека во текот на денот се очекува невреме.

Во пораката се наведува дека од раните утрински часови до пладне се очекува лошо време, како град и грмотевици, пренесува Катимерини.

„Избегнувајте преминување на порои и потоци, пеш или со возило, при невреме и врнежи, работа и активности на отворено. Треба да избегнувате да поминувате под големи дрвја и поставени знаци. Не ги држете вклучени електричните уреди или телефоните, бидејќи молњата може да помине низ жиците. Избегнувајте допирање водоводни цевки (кујна, бања), бидејќи тие се спроводници на струја“, беше наведено во предупредувањето.

Беше предупредено и дека ако некој е на отворено при невреме, треба да се држи подалеку од метални предмети, како што се автомобили, велосипеди или опрема за кампување и дека ако некој е во морето, веднаш мора да излезе.

Како што јавува ЕРТ, врнежи и невреме се предвидуваат во централните, источните и северните предели, а од вечерва се очекува постепено слабеење.

Температурите се очекува да се спуштат до 28 степени, додека на Крит температурите ќе достигнат до 31 степен.

Во Солун се очекува променливо облачно со врнежи од дожд и повремено силно невреме, а температурите ќе се движат од 20 до 28 степени.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ