среда, 27 ноември 2024

Силјановска-Давкова – Алиев: Треба да се продлабочат економските и билатералните односи на Македонија и Азербејџан

Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, остварила средба со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алиев.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што соопштија денеска од кабинетот на Силјановска-Давкова, присуствувала и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Силјановска-Давкова и Алиев на средбата размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што било оценето дека тие се пријателски и во таа насока била изразена посветеност за интензивирање и продлабочување на односите во културата, туризмот, образованието и други области од заемен интерес.

Претседателката Силјановска-Давкова го истакнала интересот од македонска страна за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји, особено во областа на енергетиката, имајќи го предвид нашиот интерес за диверзификација на изворите на снабдување со енергија.

Соговорниците се согласиле дека треба да се продлабочат економските односи со конкретни билатерални договори, при што изразија задоволство од Меморандумот за разбирање меѓу македонски и азербејџански енергетски компании што се потпиша во Скопје, со цел зајакнување на македонската енергетска стабилност.

На средбата, претседателката Силјановска-Давкова ги претставила и инвестициските можности што ги нуди нашата држава. Од страна на претседателот Алиев била изразена подготвеност за можни инфраструктурни проекти поврзани со гасификацијата на нашата држава.

Силјановска-Давкова упатила честитки за одличната организација на самитот и благодарност за гостопримството.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ