недела, 24 ноември 2024

Сијарто: Идеална ситуација би била Македонија и БиХ да почнат преговори со ЕУ до крајот на годината

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто има став дека идеална ситуација би била ако Македонија и Босна и Херцеговина одржат меѓувладини конференции за старт на преговорите со ЕУ до крајот на годината.

Објавено на

часот

Сподели

Тоа го изјави денеска во Луксембург по одржувањето на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија.

„Но, тоа не зависи само од нас, само од претседателството (со ЕУ), не зависи ниту од комесарот, туку зависи од консензусот на сите 27 земји членки“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

Во одговор на новинарско прашање дали не би било подобро ако во процесот на проширување на блокот се укине принципот на консензус при одлучувањето, Сијарто рече дека оние земји членки кои тврдат дека консензусот е пречка за проширувањето, во основа само бараат изговор затоа што не се ентузијасти за овој процес.

„Верувајте ми, ако треба да ја именувам областа во која лицемерието е на врвот во ЕУ, тогаш тоа дефинитивно е проширувањето. Бидејќи слушам како моите колеги зборуваат едно пред јавноста, а друго меѓу нас. За жал морам да ви кажам дека не сите го кажуваат истото јавно и зад затворени врати“, додаде Сијарото.

Според него, укинувањето на принципот на консензус во носењето одлуки би довело до уништување на Европската Унија.

„Во случај да се укине консензусот тоа ќе ги потисне помалите или земјите-членки од средна големина, затоа што во случај ако нема потреба од консензус, големите би одлучувале за важни прашања, а работата на помалите или средните земји би била само да кажат ‘да’ “, оцени Сијарто, додавајќи дека затоа не е случајно што Европската Унија се заснова на договори и методологии, кои бараат косензус при носењето одлуки за важни прашања.

Тој истакна дека еден од приоритетите на унгарското претседателство со ЕУ е токму проширувањето и денешниот старт на преговорите со Албанија е делумно исполнување на тие планови. Сијарто изрази надеж дека до крајот на годината Албанија ќе може да почне преговори и по втор кластер, како и дека ќе биде остварен напредок во преговарачкиот процес и со Србија, бидејќи, според него, земјата е подготвена за отворање на кластерот поврзан со инклузивниот раст и развој.

Вархеји, пак оцени дека не држи тезата оти ЕУ треба да се реформира пред да ги прими новите членки, потенцирајќи дека процесите на проширување и на реформи може да се одвиваат паралелно.

„Сегашната институционална поставеност и поставеноста на договорите (на ЕУ) совршено можат да прифатат нови членки. Сè уште верувам дека тоа е така и затоа на проширувањето и внатрешните реформи гледаме како на паралелни дебати и најдобро е да ги држиме паралелно“, додаде Вархеји.

Тој потсети дека една од обврските на новата Европска комисија ќе биде и изработката на Повеќегодишната финансиска рамка за ЕУ за периодот по 2027 година и во неа треба да се направат големи промени да може Унијата да ги прими новите членки, бидејќи со средствата од тој буџет ќе треба да се покријат трошоците од проширувањето

„Мислам дека таа (рамка) ќе биде добар показател кога ЕУ ќе посака добредојде (на нови членки)“, истакна Вaрхеји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ