вторник, 26 ноември 2024

Си Џинпинг следниот месец оди во Русија на самитот на БРИКС

Кинескиот лидер Си Џинпинг следниот месец ќе ја посети Русија за да учествува на самитот на БРИКС -блок на економии во развој, потврди кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Соопштението доаѓа додека Москва и Пекинг се обидуваат да се спротивстават на глобалното влијание на Западот.

Посетата на Си на Русија ќе биде негова втора откако Кремљ испрати војници во Украина во февруари 2022 година. Кина одржува неутрален став за војната, но ги поддржа тврдењата на Кремљ дека акцијата на Русија била испровоцирана од Западот и продолжува да ја снабдува Москва со клучни компоненти за производство на оружје.

Ванг Ји во четвртокот во Санкт Петербург се состана со рускиот претседател Владимир Путин и тие ги поздравија врските меѓу нивните земји. Кинескиот министер за надворешни работи рече дека Си „радосно ја прифатил“ поканата на Путин да присуствува на самитот на БРИКС во рускиот град Казан во октомври.

Путин најави дека двајцата ќе имаат одвоена средба во Казан за руско-кинеските односи, кои, како што рече, „се развиваат доста успешно“ и „во сите правци“.

Си последен пат ја посети Русија во март 2023 година, Путин во октомври истата година ја посети Кина. Претседателот на Русија и во мај беше во Пекинг, што беше негова прва посета во странство во актуелниот петти претседателски мандат, а во јули се сретнаа во Казахстан.

По започнувањето на војната за која Кремљ инсистира да ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина, Русија е сѐ повеќе економски зависна од Кина бидејќи западните санкции го намалија нејзиниот пристап до голем дел од меѓународниот трговски систем. Зголемената трговија на Кина со Русија, во вкупна вредност од 240 милијарди долари минатата година, и помогна на Москва да ги ублажи некои од најлошите удари од санкциите.

Москва го пренасочи најголемиот дел од извозот на енергија во Кина и се потпира на кинеските компании за увоз на високотехнолошки компоненти за руската воена индустрија за да ги заобиколи западните санкции.

Двете земји ги продлабочија и воените врски во последните две години.

БРИКС беше основан во 2006 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, Јужна Африка се приклучи во 2010 година. Неодамна се прошири за да ги вклучи Иран, Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати. Саудиска Арабија соопшти дека размислува да се приклучи, Азербејџан и Малезија официјално поднесоа барање.

БРИКС има наведена цел да го зголеми влијанието на големите економии во развој за да се спротивстави на глобалниот поредок предводен од Западот. Неговите основачи повикаа на поправеден светски поредок и реформи на Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ