петок, 18 октомври 2024

Штиглиц: Европа потпиша пакт за заедничко самоубиство

Објавено на

часот

Сподели

Европската должничка криза, смета Штиглиц, не може да се реши со „стегање на ременот“. Баш напротив. Штиглиц, Пол Кругман и другите истакнати кејнизијанци тврдат дека експанзија на стопанството може да се поттикне само со зголемување на државното трошење. Дефицитите, смета Штиглиц, треба да се стават во втор план сè додека БДП бе почне позначително да расте, односно додека невработеноста не дојде барем до преткризното ниво.
„На овој начин не може да се врати довербата на пазарот, ефектот ќе биде спротивен од она што Европа сака да го постигне. Насоката во која оди еврозоната е, за жал, погрешна“, тврди професорот по економија на престижниот универзитет Колумбија. Во своето најново обраќање Штиглиц беше особено остар: „Европските влади, со воведувањето фискална дисциплина, потпишаа пакт за заедничко самоубиство, кој ќе предизвика колапс на нивните стопанства.“
Штиглиц со оваа фаталистичка изјава се повикува на најавата на европските лидери за воведување нови правила за фискална дисциплина. Токму таквото однесување, смета Штиглиц, ги доведе Грчка, Ирска и Португалија на работ на банкрот и ги натера да бараат помош од ММФ и побогатите членки на ЕУ. Штиглиц е убеден дека нема на тоа да остане и дека на Европа ѝ се закануваат нови потреси.
„На европските земји им претстои многу тешка година. Случувањата во еврозоната ќе имаат влијание и врз другиот дел од светот, особено врз САД. Европските земји мора да поттикнат економски раст. Доколку не го направат тоа, последиците ќе бидат многу сериозни. Ми се чини дека лидерите на еврозоната не сфаќаат што треба да направат“, вели Штиглиц.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ