„Однесувањето на власта на Република Српска која оди против Дејтон нема да биде толерирано“, кажа Шмит во Сараево.
Во изминатите два дена во БиХ заседаваше Советот за спроведување на мирот, составен од претставници на водечките западни влади, вклучувајќи ги САД, Британија, ЕУ и Турција, која таму ја претставува Организацијата на исламска соработка.
Советот дава насоки за работата на високиот претставник, а од ова заседание е поддржана работата на германскиот политичар како претставник на Западот во БиХ.
„Ваквите потези не би поминале без последици. Сите мора да бидат свесни дека ова е опасна игра“, кажа Шмит. Во заклучоците на Советот се истакнува дека Шмит може да ги користи високите овластувања како можност за смена на функционери, поништување одлуки и наметнување закони.
Се додава дека ентитетите немаат право на отцепување од Босна и Херцеговина. „Ентитетите во Босна и Херцеговина не се држави, тие постојат исклучиво врз основа на уставот на БиХ и немаат никаков сопствен суверенитет“, се наведува во заклучоците.