петок, 15 ноември 2024

Семејството на таткото на Вања не го познава Палевски, сведокот Кираца Трајковска не верува дека Палчо би го убил девојчето

Денешното рочиште од судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски е завршено по сведочењето на родителите на таткото на Вања, Зоран и Иванка, како и неговите сестра и внук Оли и Иво Нешковиќ. На рочиштето, поради напад на паника, не се појави како сведок Гоце Трајковски, но сведочеше неговата мајка, Кираца Трајковска.

Објавено на

часот

Сподели

Трајковска посведочи дека таа ги поврзала нејзиниот син и семејството на Вања, за да им помогне во потрагата по исчезнатото девојче. Судењето продолжува на 20 ноември.

Оли Нешковиќ: Тврдевме дека Вања не заминала своеволно, иако полицијата го наметнуваше тоа

Сестрата на Александар (таткото на Вања), Оли Нешковиќ, на сослушувањето зборуваше за моментот кога дознала дека Вања ја нема и за процесот на потрагата.

„ Сите бевме во паника, не ни беше јасно што се случува. Сите го тврдевме тоа дека не си отишла самоволно, полицијата цело време го наметнуваше тоа“, рече таа.

Посочи дека сите се ангажирале на каков било начин да помогнат во потрагата при што, како што рече, пишале на детективска агенција од Босна, а од таму им посочиле дека немаат ингеренции, потоа нашле интернет-формулар од американската амбасада, којашто ја контактирале за сателитски снимки.

Во врска со прашањето кој го известил Гоце, таа рече дека го известила мајка му Кираца.

„ Зорица ја контактирала, ѝ пишала порака, она помислила дека Гоце може да помогне во ситуацијата со своите познанства“, рече таа.

Прашана што конкретно Гоце помагал, таа одговори во сѐ.

„ Бараше снимки на камери, сите се движеа, се гледаше каде имаше камера, менувачница, фризерница… Многу брзо првиот ден, и полицијата, и ние, сфативме дека нема камера што ја фаќа Вања“, рече таа.

Прашана дали дошле Гоце и другите што му помагале до некоја констатација, таа одговори дека доколку имало нешто сомнително сите се собирале за консултација, додавајќи дека по два дена довербата во полицијата максимално ја изгубиле.

За сопственоста на станот на улицата „Наум Наумовски Борче“ и зависностите на Александар, рече дека Александар бил сопственик на станот и бил зависник пред 25 години.

Во однос на познавањета со обвинетиот Љупчо Палевски, таа одговори дека не го познава, а разбрала за него кога ја градел зградата на „Наум Наумовски Борче“.

Прашана дали ѝ кажал некогаш Александар Ѓорчевски дека имал комуникација со Палевски, таа одговори негативно.

„Не ми кажал, сега разговараме, не се знаат, различни кругови“, рече таа.

На вкрстени прашања од обвинетиот Љупчо Палевски, беше прашана дали во полиција ја прашале дали нејзината снаа е во врска со него, при што таа одговори потврдно.

„Ме прашаа дали ве познавам и дали снаа ми е во врска со вас. Јас реков дека немам никакви сознанија“, рече таа.

Иво Нешковиќ : Пишав и на една од компаниите на Илон Маск, за да се смири Александар, кој беше во агонија

Сведокот Иво Нешковиќ, внук на Александар, сподели дека се ангажирал во пребарување на интернет за сѐ што е поврзано со Вања.

„ Мајка ми ме извести дека Вања ја нема, можеш ли да помогнеш некако, затоа што мојата експертиза е софтверски инжинеринг“, рече тој.

Дополни дека ги нашол формуларите на Ејпл, преку кои може да се побара да се пронајде локација и на исклучен ајфон и ги дал да се пратат од владина електронска пошта.

„Ејпл има безбедносен систем што може да се лоцира иако е исклучен. Ги најдов формуларите, им ги пратив да ги испратат од владин емаил. Исто така се понудив да ми дадат пристап до компјутерот на Вања да најдам податоци низ нејзините разговори. Седев цело време на интернет, ги пратев сите објави . Кажав дека ќе бидам филтер за сите што пишуваат на Фејсбук“, рече тој, дополнувајќи дека пишал и на една од компаниите на Илон Маск, со цел да го смири Александар, за кого рече дека бил во агонија.

Прашан дали се познава со Палевски и дали Александар му кажал дека комуницирал некогаш со него, одговори негативно.

Сведокот Кираца Трајковска ги поврзала за потрагата нејзиниот син Гоце и семејството на Вања, но не верува дека Палевски ја убил Вања

Сведокот Кираца Трајковска, мајка на Гоце Трајковски, денеска сведочеше во врска со сознанието дека Вања исчезнала и помошта што ја пружиле. Таа сподели дека Палчо ѝ е зет за втора братучетка и дека била заменик генерален директор во Фершпед, каде што своевремено работел Александар.

„Порано комуницирав повеќе. Последните години сум во Белград и тие контакти се поретки. Кога разбрав им пуштив на децата, Гоце мораше да ме праша кое е девојчето. Му кажав дека е ќерка на Сашко. Бидејќи се работи за девојче во тие години се сомневаме и ги баравме сите можни ситуации што би можело да се случи со девојчето. Тогаш бевме сите истражители, за кое било дете ќе помогнеме“, рече таа.

Дополни дека го побарала Гоце за помош.

„ Му кажав на Гоце да помогне, затоа што знам дека Саше е многу мирен, повлечен, тој е родител и дека во тие моменти родителите поинаку размислуваат, не ќе може да резонираат како што треба. Гоце е помангуп“, рече таа.

Образложи дека Гоце влегувал по кафулиња, по распаднати куќи во Дебар мало, ја барал пешки.

Во одреден момент, како што рече, сподели дека се посомневале дека девојчето се губи во зградата.

„ Дури во еден момент ѝ рече на Зорица дали Вања спиела дома, на што таа одговори потврдно, и ја расчисти таа околност“, рече таа.

Сведочеше дека два дена биле фокусирани за движењата пешки околу зградата, а третиот ден се фокусирале на движењето на возилата при што забележале сомнително возило дека тргнува пред зградата, по што разбравме дека го нема Панче Жежовски.

„ Мислевме дека тој ја земал, ја однел негде надвор“, рече таа.

Дополни дека потоа се распрашале за Панче и преку пријатели од Велес обезбедиле снимки од кои се гледа каде се упатиле возилата.

Прашана дали се познава со Палевски, рече дека го познава откако се оженил со братучетка ѝ, и дека не само што ѝ е зет, туку и деловен партнер.

Прашана дали верува дека Палчо би ја убил Вања, одговори „не“, особено, како што рече „не за пари“.

Во однос на прашањето за станот на „Наум Наумовски Борче“, рече дека ѝ било познато дека бил купен од Палевски.

Прашана кои слики и снимки ги добивала од Гоце, таа одговори дека добивала од Гоце само слики, и една видеоснимка.

На денешното рочиште поради здравствени причини не се појави сведокот Гоце Трајковски.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ