среда, 11 декември 2024
Судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Родителите на таткото на Вања, потврдија дека син им бил зависник во минатото, но и дека не го познаваат Палевски

Во Кривичниот суд во Скопје, во тек е рочиштето од судењето за двојното убиство, извршено пред една година, на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На денешното судење поради здравствени причини не дојде сведокот Гоце Трајковски.

Објавено на

часот

Сподели

Трајковски во неколку наврати беше споменат во досегашната постапка како лицето кое му помагало на Александар ( таткото на убиеното девојче) во прибавување на видеоснимките во врска со исчезнувањето на Вања. Мајката на сведокот, Кираца Трајковска ( која исто е сведок во процесот), кажала дека Гоце имал паничен напад пред денешното рочиште.

Во досегашниот дел од судењето сведочеле родителите на Александар Ѓорчевски, на предлог на Јавното обвинителство во Основниот кривичен суд Скопје, а треба да сведочат и сестрата на Александар, како и членови на фамилијата на Гоце Трајковски.

Зоран Ѓорчевски, дедо на убиената Вања, и татко на Александар Ѓорчевски зборувал пред судот за денот кога исчезнала Вања, и како се одвивала комуникацијата со семејството. Тој за исчезнувањето на Вања разбрал од телефонска комуникација со бившата сопруга, мајката на Александар.

„Во постојан контакт сум со семејството. Се јавив да прашам како се. Ме известија дека ја нема Вања. Ние сме 40 години разведени. Го побарав Александар на телефон да ми каже, и тој ми рече дека ја нема Вања, не стигнала во училиште. Му понудив помош некако да се вклучам“, изјавил Зоран Ѓорчевски.

На прашањето дали преземал активности во потрагата по Вања, Зоран Ѓорчевски одговорил дека како пензионер немал можности и контакти за да преземе нешто. Само се јавил кај деловни партнери во Грција, да праша дали во тамошните медиуми има нешто за исчезнувањето на неговата внука.

Родителите на Александар Ѓорчевски, Зоран и мајката Иванка, потврдија пред судот дека нивниот син пред 30-ина години имал проблем со зависност од наркотици , но успешно се излекувал пред да стапи во брак со Зорица, мајката на Вања. Тие потврдија и дека Александар бил дваестина години во работен однос во две фирми, односно дека има стаж од 20-22 години. Во периодот кога се случило убиството на Вања, тој не бил во работен однос.

Родителите на Александар изјавија дека не го познавале првообвинетиот Љупчо Палевски и дека нивниот син имал каква било комуникација со него.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ