„Имајќи предвид дека судскиот процес за тоа кому му припаѓа печатот на партијата Алијанса за Албанците не е завршен, а се чини дека нема да може да се заврши во законскиот рок, ние нема да можеме да одиме сами на избори. Ни остануваат две опции, или да не учествуваме на изборите, или да се приклучиме на една од двете формирани албански коалиции. Сепак, Централното собрание на партијата ќе одлучи за следните наши чекори“, изјави Селa во интервју на ТВ21.
Според весникот Коха, коалицијата со ДУИ е веќе договорена работа и учеството на крилото на Зијадин Села е дефинирано во изборните листи. Тој ќе ја предводи изборната листа во ИЕ број 5, а се смета дека АА на Села може да добие четворица пратеници плус еден, доколку коалицијата на ДУИ освои 20 пратенички места. Односно двајца би можеле да бидат сигурни дека ќе станат пратеници преку листата во ИЕ број 6, а по еден преку изборните единици 1 и 2, додека Села е сигурен пратеник преку ИЕ број 5
Понудата од ДУИ Села со сопартијците ќе ја разгледува на состанок, пишува Коха.
Така, некогашните лути противници, Мендух Тачи, лидер на ДПА, партија од која е произлезена АА и Зијадин Села ќе се најдат во ист сојуз по многу години. Поради длабоки партиски несогласувања, Села тогаш формираше фракција Движење за реформи во ДПА, а по извесно време со истомисленици ја напушти ДПА и ја формираше Алијанса за Албанците чиј лидер беше до предминатата година, кога поднесе оставка поради дебакл на локалните избори во Тетово.
Инаку, во емисијата на ТВ21 еден граѓанин го праша Села дали би пиел кафе со Тачи. Села одговори дека нема зошто двајцата да не седнат на еден заеднички кафе-муабет.