сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Себичност

Себичноста обично не спаѓа во оние особини кои ги наведуваме кога се опишуваме себе, а за тоа може да постојат неколку причини. Една од причините може да биде затоа што не ја поседуваме, друга затоа што се обидуваме да ја прикриеме и трета затоа што не сме свесни дека ја поседуваме. Кога преокупацијата со себе и исклучиво со себе ни е редовна состојба, главно немаме доживување и свест за тоа дека себичноста е наша особина. Себичноста зборува за нашиот однос кон светот и најмногу доаѓа до израз во релација со другите луѓе.

Себичните луѓе сами на себе се центар на светот, и тоа се обидуваат да го наметнат и на другите, свесно или несвесно. Постојано се обземени со себе, независно што работат и со што се занимаваат. Во нивниот говор доминира „јас“, „мене“, „за мене“, а во разговорот нивни содржини и излагања, независно од темата и останатите соговорници. За другите луѓе едноставно нема место бидејќи го заземаат целиот простор и „согоруваат целиот кислород во интеракциите во кои влегуваат. Затоа во релација со себична личност често се чувствуваме загушено или напнато, и почнуваме да цупкаме од нестрпливост бидејќи никако и ние да дојдеме на ред да ја задоволиме својата потреба за контакт. Токму тоа се ситуациите кога ја препознаваме себичноста – кога во релација со другата личност нема место за нас. Кога наместо заемност и возвраќање има само јас и „дај“.

Себичност и релациите со другите луѓе

Себичните луѓе воспоставуваат главно едносмерни, често површни, кратки и непостојани релации со другите луѓе кои траат онолку колку што трае нивниот интерес. Дури и тогаш кога се занимаваат со другите луѓе, тоа го прават поради себе и сопствената корист, а не поради заемната добробит. Затоа луѓето кои очекуваат блискост, заемност и посветеност, после некое време се чувствуваат празно, незадоволно и фрустрирано.

Себичните луѓе не ги забележуваат другите луѓе и нивните потреби и затоа многу луѓе излегуваат од релацијата со нив повредени, а често и фрустрирани, лути и бесни. Другите луѓе за нив се само статисти со задача.

Ние сме одговорни за своите релации со другите луѓе, смета клиничкиот психолог и гешталт тренер Џенет Рејнвотер, една од основачите на ГТИЛА – Институтот за Гешталт терапија во Лос Анѓелес (и која првиот летен семинар на ГТИЛА го одржала 1972. година во Југославија). Рејнвотер наведува дека ако чувствуваме потешкотии во однос со другите луѓе, една од причините може да бидат и нашите очекувања од нив. Секој од нас има различни очекувања од релациите кои ги воспоставува, а задоволството или незадоволството кое го чувствуваме во одредена релација во директна мерка зависи од тоа колку се исполнети или неисполнети нашите очекувања од нив. Секој од нас има различни очекувања од релациите кои ги воспоставува, а задоволството или незадоволството кое го чувствуваме во одредена релација во директна мерка зависи од тоа колку се исполнети или неисполнети нашите очекувања од таа личност. Доколку очекуваме заемност во земањето и давањето, голема е веројатноста дека во релацијата со себични луѓе нема да можеме да ја оствариме и дека ќе бидеме лути и разочарани. Од друга страна, доколку имаме доминантна потреба да даваме и да не очекуваме ништо за возврат, можеме хармонично да функционираме со себични луѓе бидејќи нашите потреби се компатибилни.

Џејмс Симкин, клинички психолог и важно име во историјата на Гешталт терапијата, ученик, а подоцна и соработник на Фриц Перлс, наведува дека постојат различни типови луѓе и дека рамнотежа во една релација постои тогаш кога потребите на тие луѓе се комплементарни. Затоа некои од нас функционираат многу добро заедно, а други се отров еден за друг бидејќи меѓусебно не се хранливи и не формираат рамнотежа, наведува Симкин.

Отсуство на реципроцитет

Отсуство на реципроцитет е една од доминантните карактеристики на релациите кои себичните луѓе ги воспоставуваат. Во нивните релации не постои реципроцитет – многу повеќе бараат отколку што се спремни да дадат и возвратат и тоа го доживуваат како природна состојба. Затоа не ја гледаат и не ја препознаваат несразмерноста во релациите кои ги воспоставуваат. Се однесуваат како да нееднаквоста во реципроцитетот во нивна корист се подразбира и можат да бидат затекнати, па и лути и навредени ако некој ги соочи и конфронтира со нивното однесување и постапки. Доколку дојде до расправа, нивната аргументација е во функција на одбрана на сопственото гледиште, а не во разгледување на фактите и обид да ја согледаат и разберат ситуацијата и од агол на другата личност. На тој начин, аргументирајќи од позиција како да се само тие во прашање и како да се работи само за нив, не оставаат простор да ја видат и чујат другата личност и евентуално да разберат на што таа реагира. Со тоа потврдуваат дека во нивниот свет нема вистинско место и за другите луѓе, освен она кое тие им го намениле.

Контакт, блискост и припаѓање

Кога сме преокупирани со себе, и кога другите луѓе нé интересираат само во контекст на задоволување на нашите потреби, на некои од нас може да ни се случи една наизглед парадоксална ситуација. А тоа е да константно чувствуваме празнина и незадоволство – токму она што наизглед се обидуваме да го избегнеме набљудувајќи ја околината низ филтер од корист и добивка. Оваа ситуација е само наизглед парадоксална, а во основа е логична и реална – натрупувањето на бенефити не може да ни ја пополни празнината која ја чувствуваме, а задоволството кое го доживуваме е со минлив карактер.

Една од претпоставените причини зошто се чувствуваме празно и незадоволно може да биде и таа дека контакт, блискост и припадност со другите луѓе е она што вистински ни недостасува и што ни е потребно, а не користа која ја остваруваме од или преку нив.

Напуштање и отфрлање

Кога не ги земаме предвид другите луѓе, нивните чувства и потреби, резултатот може да биде некои луѓе да се оддалечат од нас, а други да нé напуштат или отфрлат. Ќе нé напуштат главно оние луѓе на кои им е потребна заемност, блискост и припаѓање, а кои не ги добиваат во релацијата со нас. Тоа се луѓето кои бараат хоризонтални релации кои се базираат на почитување, поддршка и љубов.

Дали ќе забележиме ако некој нé напушти и како ќе реагираме ако некој нé отфрли е индивидуално. Ако себичноста е една од нашите особини, може да ни се случи да не забележиме дека луѓето исчезнуваат од нашиот живот бидејќи со нив не се ни занимаваме. Или да забележиме дека луѓето нé напуштаат и да се чувствуваме лошо во врска со тоа, а да не ни е јасно зошто нé отфрлиле.

Нашите одлуки

Себичноста е особина која воглавном предизвикува неодобрување и осуда. Стануваме свесни за себичноста тогаш кога ќе ја почувствуваме на своја кожа. Најчесто тоа е моментот кога ќе почувствуваме дека во одредена релација едноставно нема место за нас, освен можеби она кое ни го наменила другата личност во зависност од нејзините интереси.

Свесноста за тоа е често непријатна и болна, особено ако сме имале потреба и очекувања со таа личност да градиме релација на заемност, блискост и припадност. И покрај тоа, свесноста е отрезнувачка и лековита – имаме можност да донесеме нова одлука во врска со себе која е во склад со реалната ситуација.

Некои од нас бираат да излезат од едностраните релации оној момент кога ќе ги препознаат и често го прекинуваат секој контакт со тие личности. Други не ја прекинуваат релацијата и одржуваат површни ритуални контакти кои не бараат премногу напор. Трети, и покрај болното и повеќе пати повторено искуство, одбиваат да учат од него и вистински да се видат себе си, другата личност и меѓусебната релација. Тие продолжуваат да вложуваат во релацијата со себичната личност со надеж дека со доволно љубов, трпение и толеранција таа еден ден ќе се промени и ќе стане топла, сочувствителна и несебична. Одлуките се индивидуални и зависат од нашите чувства, ставови и потреби.

 

                                                                                                                         Кристина Пота Радуловиќ
                                                                             психотерапевт, клинички психолог и гешталт терапевт
                                                                                                                                     www.gestalt.org.rs

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ