среда, 27 ноември 2024

Се збратимија Струмица и Лесковац

Костадин Костадинов и Горан Цветановиќ, градоначалници на Струмица и Лесковац од Србија, денеска потпишаа меморандум за збратимување на двата града. Карневалските традиции и спортот ги споија двата града, велат тие, а сега соработката се проширува во повеќе области како и размената на искуства и позитивни практики во функционирањето на локалните самоуправи.

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи за досегашната соработка и вредностите коишто ги имаат Струмица и Лесковац, како градови економски лидери во своите земји, како што самите рекоа, Костадинов додаде дека сите потенцијали и можности на најдобар начин ќе  бидат искористени за благодет на граѓаните од двата града.

„И јас и мојот колега од Лесковац, го гледаме Балканот и ситуацијата на Балканот, како една огромна можност за вистинско обединување на народите, наместо да сееме омраза, да сееме љубов, да сееме смеа, да гледаме среќни граѓани коишто имаат придобивки од нашето ново пријателство“, рече градоначалникот Костадинов.

Градоначалникот на Лесковац Горан Цветановиќ, потенцираше дека по неколку годишната врска  меѓу Струмица и Лесковац во спортот и карневалот, се појавиле нови конекции и заеднички интереси за соработка и во други области.

„Мислам дека како луѓе созреавме и тие наши лични амбиции и лично почитување да ги преточиме во заедничко почитување на граѓаните на Струмица и Лесковац, имаме што да научиме едни од други, имаме со што да си помогнеме и посебно кога конекциите ни се кон ЕУ можеме да имаме заеднички проекти со кои ќе можеме животот на граѓаните да го дигнеме на повисоко ниво“, рече градоначалникот Цветановиќ.

Градоначалникот Цветановиќ и неговиот тим ќе бидат меѓу гостите на главната интернационална карневалска поворка којашто ќе се одржи на 16 март во Струмица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ