На средбата на Николоски и Аксинте за актуелните политички и економски односи меѓу двете земји, акцент бил ставен на економската соработка и инвестициите.
„Министерот Николоски ја запозна амбасадорката со владината агенда во делот на реализација на капиталните проекти, потенцирајќи ги инфраструктурните проекти. Исто така тој додаде дека Владата е посебно фокусирана на квалитетно и брзо поврзување со земјите од Централна Европа. На средбата се разговараше и за воспоставување на директна авиолинија Скопје-Букурешт, како и поврзување со аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид“, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Истакнато е и прашањето за процесот на реформи што се спроведуваат, како дел од интегративниот пат на земјата во Европската Унија, при што министерот Николоски потенцирал дека Владата е максимално посветена за обезбедување на забрзан економски развој и унапредување на владеење на правото и борбата против корупцијата.
„На средбата се потврдија добрите билатерални односи меѓу двете земји, при што двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји“, велат од Министерството за транспорт.