Согласно одлуката на Централниот одбор, на 30-тиот конгрес ќе бидат предложени измени на Статутот на СДСМ со воведување на уште еден организациски секретар и со прецизирање на принципите на родова еднаквост за избор на заменик претседател на СДСМ.
„Воведувањето на два организациски секретари е поради потребата од засилување и подобрување на оперативната работа на партијата.
Заедничка е оценката дека интензивната работа во изминатиот период води до консолидација на СДСМ, забележано е подобрување на атмосферата во општинските организации и до посетепено враќање на довербата. СДСМ и во опозиција останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да се спротивставува на погрешните политики на власта, но и со активностите кои значат грижа за стандардот на граѓаните, преку законски решенија во Собранието“, велат од СДСМ.
Централниот одбор на партијата оценил дека за пет месеци власт, премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги изневериле граѓаните и ги погазиле сите изборни ветувања пред и за време на изборната кампања.
„Власта спроведува погрешни економски политики поради кои животниот стандард на граѓаните опаѓа, цените растат, а се намалуваат платите, додека на грбот на граѓаните се товарат нови долгови. Секојдневно се случуваат бројни скандали и злоупотреби за кои нема одговорност од власта, се спроведува брутална партизација на институциите и целосно истиснување на професионалците. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ досега не испорача никаков резултат, ја загрозија европската перспектива на земјата и Македонија ја водат во голема неизвесност“, оценуваат од СДСМ.
Од СДСМ не кажуваат дали измените на Статутот се однесуваат само на воведувањето на уште еден организациски секретар или ќе се менува и начинот на избор на раководствата на општинските организации, на непосредни партиски избори, нешто што претседателот на партијата, Венко Филипче го ветуваше по изборот.
Нема информација ниту за тоа дали во март 2025 година ќе се одржи нов изборен конгрес на кој треба да се бира нов претседател на СДСМ, со оглед на тоа што на Филипче мандатот му истекува токму во март догодина.
„Поради обемниот материјал на Извештајот кој опфаќа политички, оперативен и аналитички дел, општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат, да се произнесат и да дадат свој придонес, на ниво на општински изборни штабови и на ниво на општински организации во конечната верзија на Извештајот за парламентарните и претседателските избори 2024 година. Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати со што се одлучи конгресот да прекине со работа, да се даде време општинските организации да го анализираат Извештајот, да се произнесат и дадат свој придонес во конечната верзија со забелешки, сугестии и заклучоци“, соопштија на почетокот на јуни од СДСМ.
Дотогашниот претседател на партијата Димитар Ковачевски тогаш и официјално поднесе оставка на функцијата, а него го замени актуелниот претседател, Венко Филипче.
Од СДСМ не соопштија дали на продолжението на 29-от конгрес ќе се расправа по предлогот на Централниот одбор на партијата кој тогаш предложи измени на Статутот, мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години што ќе значи и продолжување на мандатот на Филипче без избори.
По поразот на парламентарните избори, поранешни високи владини, локални, но и партиски функционери отворено го критикуваа и го критикуваат водењето на СДСМ и јавно посочуваат дека СДСМ е заробена партија.
И.О.