Од СДСМ велат дека наместо ВМРО-ДПМНЕ чесно да објасни зошто не сакаа да ја зголеми минималната плата, оттаму измислуваат нова стратегија, да го оцрнат синдикатот и да го прогласат за партиски на СДСМ.
„Наместо да понудат решение за работниците, избраа да водат валкана кампања против оние што се борат за нивните права. Сето тоа за да ја сокријат вистината – дека свесно ги оставаат работниците со срамно ниски плати, додека трошоците за живот секојдневно растат. Оваа влада не знае што значи да се преживува со 500 евра. Нивните функционери не знаат што е празен новчаник на 20-ти во месецот. Не знаат што е да се избира помеѓу храна, сметки и лекови. И затоа, кога работниците почнаа да бараат зголемување на минималната плата, ВМРО-ДПМНЕ реши да ги нападне синдикатите, да создаде хаос и да одвлекува внимание со измислени приказни за политички координации“, велат од СДСМ.
Но, за СДСМ вистината е јасна, „единствената ‘координација’ тука е помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и елитата“.
„Нивниот приоритет не се работниците, туку газдите и елитата. Тие свесно одлучуваат да ги остават работниците со ниски примања, бидејќи знаат дека секое покачување на платите значи дека ќе мора да одвојат од сопствените луксузи.
Колку и да се обидуваат да ја свртат приказната со напади и лаги, не можат да ја избришат клучната вистина: ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја зголеми минималната плата и за тоа е подготвена да ја уништи секоја синдикална борба“, велат од СДСМ.