Мицкоски се обиде да ја скрие средбата со Главчев, за која бугарскиот премиер рече дека била „долга и широка“, без да ни каже што побарал и дали воопшто нешто од тоа што дома го кажува му го пренел на Главчев. Со тоа е јасно дека ништо од она што го ветуваше не смеел ниту да го стави на маса, а Главчев јасно повтори дека позициите на Бугарија остануваат непроменети, велат од СДСМ.
Додека грчкиот премиер неколку пати јасно ги повтори своите позиции во САД, додаваат од СДСМ, Мицкоски имаше протоколарни средби на ниско ниво додека неговите министри се сликаа во околните кафулиња.
„Бугарија и Грција јасно си ги заштитија своите позиции, силно го испромовираа својот наратив, а Мицкоски сними едно видео доцна во ноќта во кое ни кажа дека гордо ја бранеле државата. Наместо да се обиде да го среди хаосот кој неговата Влада го созададе за само три недели, Мицкоски уште верува дека ако силно повторува колку е горд ќе успее нешто да промени. Очигледно или е целосно исклучен од реалноста или има јасни намери да ги наруши позициите на земјата и да тера по сосема друг пат“, се вели во соопштението на СДСМ.