„Со назначувањето на Бојан Христовски власта, на Мицкоски и ДПМНЕ прави опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност и ги крши законите. Во член 10 од Законот за АНБ јасно стои дека директор на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија. Наместо професионалец, на чело на АНБ власта поставува партиски човек, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и активен пропагандист на власта.
Бројни објави, фотографии и натписи на неговата Фејсбук страница кои целосно го потврдуваат ова. Буквално секој негов пост, е посветен на ДПМНЕ и во функција на пропагандата на Мицкоски. Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу горд со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија. Буквално нема неполитичка, ниту некаква професионална објава на Христовски, сите му се партиски. Дури и во последните објави на Христовски се гледа тоа. На 25 септември, со слика пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ објавува дека ‘ја чува организацијата’.
Кога ги гледате овие објави многу смешно звучат изјавите на Мицкоски и ДПМНЕ дека се деполитизирал, тоа едноставно е чиста лага. Но, има и објави кои се загрижувачки и кои покажуваат какви се неговите скриени намери против самата институција на којашто е поставен. Еве ја таа објава. На 1 септември оваа година Христовски пишува, цитирам ‘Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!’ Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ?
Со партизација на оваа важна институција, власта има единствена цел повторно да ги злоупотребува безбедносните служби за партиски цели. Исто како и во времето пред 2016 година. АНБ треба да остане независна институција која ќе работи за доброто на сите граѓани, а не за интересите на една партија и еден човек, а тоа се Мицкоски и ДПМНЕ. На политиката и на партиските кадри не им е местото во АНБ. Бараме итни мерки за департизација, односно разрешување на Христовски и назначување на нов директор на АНБ, со што ќе се врати професионализмот и довербата во оваа институција“, порача Илиевски од прес-конференцијата.
Подоцна, на ова барање од СДСМ, реплицираше пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека СДСМ ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за безбедносните служби, бидејќи според нив,, ги партизирала АНБ и Агенцијата за раунавање додека ја предводела мината Влада.
Тогаш, велат од ВМРО-ДПМНЕ, на чело на АНБ власта го поставила партискиот кадар Виктор Димовски, кој бил партиски функционер на СДСМ. За разлика од нив, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ, оваа власт поставува професионалци.
„ Виктор Димовски беше член на ИО на СДС, највисоко тело во опозициската партија, и член на нивните комисии. Во АР, СДС го има поставено Еролд Муслиу, кој во ек на најголема власт на СДС ги следеше функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребувајќи ја службата. Муслиу правеше хајки против ВМРО-ДПМНЕ, а од Агенцијата за разузнавање направи партиски штаб на СДС. Да потсетиме само дека СДС за директор на УБК своевремено го имаше и Миле Зечевиќ, партиски функционер, кој потоа стана и генерален секретар“, рече на денешната прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
За разлика од кадрите на СДС како Виктор Димовски, Еролд Муслиу и Миле Зечевиќ, додаде Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ на чело на службите поставува професионалци.
„Изборот на Бојан Христовски на чело на АНБ е професионален избор, станува збор за лице кое повеќе од една деценија е вработено во безбедносните служби и ѝ служело на државата. Бојан Христовски е лице кое како професионалец бил подлежен на хајка и мобинг од партиските кадри на СДС, исто како и сите останати професионалци во службите рече тој и додаде дека завршило времето на шиканирање на професионалците во безбедносните служби“, кажа Перушевски.