недела, 24 ноември 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Самонаречениот месија Османи

Уште не можам да се свестам од последното интервју на претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи, кој себе се гледа и пропагира како месија и визионер, што обичните смртници не можеле да го разберат и да ја согледаат големината на неговото дело. Барем не во следните 20-30 години. Најмалку пет пати тој во интервјуто повтори како ја спасил Македонија од настрвените Бугари кои речиси ја биле исполниле својата дамнешна желба за бугаризација на Македонците, но тој интервенирал и го спречил тоа на време.

Додуша, по малку неконзистентно, бидејќи во еден момент се фали како тој успеал да ги помести бугарските барања од колосек на идентитетски прашања на колосек на човековите права, признавајќи дека ете тоа е токму тој што официјално им понудил на Бугарите да бидат внесени во преамбулата на македонскиот Устав. Да, имаше многу пати ЈАС во искажувањето, што мене не ми изгледа  најпристојно, но ајде…. да речеме кампања… иако официјално уште не е започната.

Веднаш во следниот момент, тој се оградува од својата „инвентивност“ и иницијативност“, кажувајќи дека предлогот за промена на Уставот му бил „шепнат“ од висок претставник на една голема опозициона партија.

Не му е прв пат на Османи да нема храброст да прифати целосна одговорност за кажаното и да оди чекор напред, чекор назад. Така беше и со францускиот предлог, кога тој го прескокна целото МНР и го прифати предлогот, патем лажејќи дека „високите дипломати“ го разгледале. Што ќе рече, се согласиле со него, зашто ете никој не му се спротивставил. Но не било баш така, на тој 5 јуни 2022 година на Османи му се спротивстави Македонскиот дипломатски синдикат, кога јавно, на говорница пред Собранието на Република Македонија, поради ова невистинито тврдење побара негова оставка. Прв и единствен случај на светот, активни дипломати да бараат оставка од својот министер! Нема сомнение, по нешто ќе остане запомнет во историјата како прв, па макар само во онаа дипломатската.

Второ нешто што зачкрипи во неговото излагање беше неговата нескриена самобендисаност. Според него, би требало да сме сите длабоко загрижени доколку тој не стане претседател. Тоа ќе било многу лошо за Македонија. Само доколку победел тој, Македонија ќе имала иднина (Sic!), бидејќи секој друг избор на граѓаните би бил загрижувачки и би претставувал мајоризација над Албанците. Останатите не ги спомнува.

Интересно, Османи со ниту еден збор не го спомна едниот од неговите најсилни противкандидати, господинот Арбен Таравари, кој во само еден ден ги собра речиси сите потписи потребни за кандидатура. Дали Османи не го смета Таравари „доволно“ Албанец или пак го смета за недостоен за позицијата претседател? Не можеме да знаеме зошто Османи при борбата против „мајоризација“ го премолчел директниот ривал? Нејќе да е белки, дека се плаши да добие помалку гласови од него? И кого после да обвинува… ? Не му е лесно во кандидатската ролја.

Повторно контрадикторно, барајќи да стане претседател на сите граѓани на Македонија, тој силно се залага за воведување нова функција на заменик претседател. Веројатно прв заменик, за секој случај, доколку се изберат повеќе заменици претседатели, според рецептот на првиот заменик премиер.

Доколку навистина верува во себе, зошто си подготвува отстапница, враќајќи не наназад триесетина години кога имавме еден таков „потпретседател на претседателот“ (семантички и суштествено смешно и неточно, како претседателот да има свој личен потпретседател). Манипулирајќи дека наводно е логично еден парламентарен политички систем како нашиот да има потпретседател на „церемонијалниот претседател“, тој свесно одбегнува да ја каже вистината која е спротивна – дека токму силните претседателски системи, како што е на пример Американскиот, имаат легитимна институција потпретседател (Бајден – Харис). Лага до лага.

Во наши услови, таквото негово залагање е само уште еден обид за продолжување на федерализацијата на Македонија и за поткопување на положбата на претседателот и неговите уставни надлежности кои не се баш само церемонијални. Или можеби откинување на еден дел од тие надлежности, како што се оние на Врховен командант, селектор на Началникот на Генералштаб, на генералите, филтер за упатување на амбасадори во странство… Кога посакуваниот заменик претседател не би добил еден дел од овој колач, тоа веројатно повторно би било мајоризација за Османи.

За среќа, најголемите политички партии во Македонија јасно ставија до знаење дека нема да паднат на последната финта на иновативниот Ахмети, кого патем Османи и Груби не пропуштаат прилика да му градат култ на личност. Небаре е Ким Јонг Ун. Од друга страна ги разбирам. Не е лесно преку ноќ да се одделиш од долгогодишни марксистичко-сталинистички-енверовски констелации.

Лошата вест за нив е дека човек на чело на партија со така скандалозно корупциско досие нема шанса да остане запомнат во историјата како видна фигура. Колку и Бујар и Артан да се трудат од петни жили. Такво нешто не може да се инструментализира. Или си или не си.

На крајот, Бујар бесрамно се пофали дека има единствен профил во споредба со останатите кандидати во претседателската трка, спомнувајќи го уникатното искуство со претседавањето со ОБСЕ. При тоа, не кажа ништо за испуштената шанса на земјите учеснички барем малку да им ги доближи проблемите на Македонија што ги продуцира источниот сосед, не го спомна неговото бесрамно саморекламирање дека ќе ги решавал споровите Србија-Косово, Ерменија-Азербејџан па дури и Израел-Хамас, па дури и дека тој го спасил ОБСЕ од распаѓање! Да не е смешно, би било жално.

Удирањето во гради нема да ја крене довербата за Османи кај граѓаните на Македонија. Имаше можност да биде професионален прв дипломат, но тој одбра да биде чист партиски војник: да ја урниса македонската дипломатија со претворање на МНР во трло на ДУИ, да ги полни амбасадите и конзулатите со неспособен партиски кадар без око да му трепне за бројните јавни критики и да се бори повеќе за некои соседни земји, отколку за Македонија.

Таква шанса се добива само еднаш. Или ја користиш или не.

Амбасадор Зоран Дабиќ

ГК на ВМРО-ДПМНЕ

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

Повеќе од игра: Еволуцијата на платите во НБА

Ѓорѓи Марјановиќ

Сеќавања за Лигата

Александар Стојановски

Во Словачка иницијатива за укинување на санкциите против Русија

Рајко Пеколски

Гушкарина

Стефан Митиќ

Улогата на политичките емоции: Обновување на надежта

Ристо Цицонков

Природниот гас не е еколошко гориво

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ