понеделник, 28 октомври 2024

САД: Русија се обидува да ги искористи меѓуетничките тензии на Косово и во регионот

Соединетите Американски Држави објавија дека Русија се обидува да ги искористи меѓуетничките тензии во регионот на Западен Балкан за да создаде „нестабилност и да ја попречи интеграцијата на регионот во евроатлантските институции“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Јасно е дека Русија не ја поддржува истата европска иднина на земјите од Западен Балкан што тие самите ја избраа и што луѓето од регионот ја заслужуваат“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент за Радио Слободна Европа.

САД изјавија дека токму поради таквата намера на Русија, Вашингтон работи со земјите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка и промовирање реформи, „кои ќе ја намалат можноста за руско злонамерно влијание и ќе донесат мир, стабилност и просперитет во регионот“.

„Руската агресивна војна против Украина ги нагласува итноста и важноста на тие приоритети“, рече портпаролот на Стејт департментот.

На Косово политичките лидери неодамна ги засилија своите предупредувања дека Србија се подготвува за напад или провокација на Косово. Секогаш кога косовските власти зборуваат за такви закани, тие го споменуваат сојузникот на Белград, Русија, за која велат дека сака да го дестабилизира северот на Косово и регионот.

Експерти за случувањата на Балканот за РСЕ рекле дека Москва има цел да го одвлече вниманието на Западот од неговата војна во Украина и дека големите сили треба да испратат јасна порака до Србија дека НАТО ќе реагира доколку дејствува на северот на Косово.

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија Џејмс О’Брајан рече дека северот на Косово – населен претежно со Срби – и заканата од отцепување делови од Босна и Херцеговина се главните безбедносни ризици на Западен Балкан.

На северот на Косово тензиите растат од минатата година, додека во Босна и Херцеговина властите во ентитетот Република Српска се заканија со отцепување.

Портпаролот на Стејт департментот рече дека САД и понатаму се загрижени дека локалните тензии би можеле да прераснат во сериозни политички тензии во регионот.

„Остануваме загрижени поради ризикот локалните тензии да прераснат во сериозни политички пожари што ќе ги закочат државите во регионот, на пример во северниот дел на Косово и заканата од отцепување во Босна и Херцеговина. Ние тесно соработуваме со сите страни за да ги минимизираме ризиците“, рече тој.

Познавачите на настаните на Балканот за РСЕ велат дека не може да се исклучи можноста за тензии на северот на Косово, бидејќи минатата година тензиите во овој дел на Косово кулминираа откако група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција, убивајќи го нејзиниот наредник.

За оружениот напад во Бањска кај Звечан минатиот септември, Косово ја обвинува Србија, додека Белград негира дека е вмешан. Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српска листа, главната партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Србија.

Ивана Страднер, виш истражувач во Фондацијата за одбрана на демократиите со седиште во Вашингтон, за РСЕ изјави дека заканата од можна ескалација на северот на Косово е „голема и реална“, бидејќи Русија – која не ја признава независноста на Косово – се обидува да го оттргне вниманието од војната во Украина.

Сепак, таа рече дека не верува дека ќе има конфликт од големи размери на Западен Балкан, како што е тој во Украина, иако наведува дека на Балканот има активности што може да се сметаат за „хибридна војна“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ