четврток, 24 октомври 2024

Сѐ додека правосудството ужива доверба од два проценти, нема да се откажам од судските реформи, вели Мицкоски

Сѐ додека правосудството кај граѓаните ужива доверба од два проценти, ќе направам буквално сѐ што е во моја моќ, тие два проценти да бидат барем во една година 12, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, порачувајќи дека „не се откажал, ниту ќе се откаже од судските реформи“.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски, уште еднаш ги повика сите без разлика дали се претставници на меѓународна заедница или се домашни експерти, да дадат предлог зошто во спротивно, како што нагласи „намерно штитат институции коишто не гарантираат владеење на правото“.

„Минаа месеци, ако не доставите предлози тогаш доаѓаме до заклучокот дека вие намерно штитите институции коишто не се способни да обезбедат поддршка кај граѓаните поголема од два проценти, институции коишто не гарантираат владеење на правото, бидејќи два проценти кај граѓаните не е владеење на правото и институции коишто му служат некому, а не на граѓаните“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот на градежни активности за доградба на детска градинка во Општина Аеродром.

Во однос на документите со преземните обврски од реформската агенда на ЕУ во врска со судските реформи, Мицкоски вели дека тоа е „одговор врз основа на важечките закони и Уставот“.

„Тоа што е наш одговор во тој документ е одговор врз основа на важечките закони и Уставот. Ние како Влада не можеме да излеземе надвор од важечкото законодавство и Уставот“, изјави Мицкоски.

Како премиер, кој добил 450 илјади гласови на граѓани на избори на оваа програма, Мицкоски рече дека ако не добие подобар предлог не му преостанува ништо друго освен тоа, неговиот предлог што погласно го промовира и да ја врати довербата кај граѓаните.

„Основа на функционирање на оваа Влада е, владеење на правото, тоа значи судии, обвинители кои што ќе судат и обвинуваат согласно закон и Устав, а не согласно партиски нарачки. Од партиски штабови или други центри на моќ. Судии и обвинители коишто ќе гарантираат владеење на правото и доверба кај граѓаните. Затоа што ако немаме правна држава, нема никој да сака да инвестира. Ако немаме инвестиции ќе немаме пари во буџетот. Ако немаме пари во буџетот многу едноставно ќе нема пари ниту за реформи во образованието, здравството, ниту за повисоки плати, ниту за субвенции, ниту оброк за младите, ниту за стипендии, ниту за нови студентски домови, ниту за медиумите, ниту за никого. Нема да штитам никого. Немам концесија кон никого. Тоа треба да го разберат сите“, рече Мицкоски.

Тезата дека „на Мицкоски ЕУ му ја свитка раката и тој се повлече од тоа дека ќе го распушти Судскиот совет или Советот за јавни обвинители“, според Мицкоски е глупава, нагласувајќи дека „шест години ми ја виткаат раката“.

„Не се откажувам од ништо, само во случај ако добиеме подобар предлог. Ги повикувам нека не се кријат позади комфорот на позициите коишто го имаат без разлика од каде доаѓаат. Без разлика, претставници на меѓународна заедница, домашни експерти. Дојдете подготвен сум да разговарам со сите вас. Дајте предлог, вака не оди.  Два проценти доверба кај граѓаните. А тезата еве му ја свиткаа раката на Мицкоски, па сега попушти е глупава теза. Ми ја виткаат раката шест години. Доста од политикантство. Народот од нас очекува да го направиме животот подобар“, изјави Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ