недела, 21 јули 2024

Рустеми: Зголемените цени за изградба на патиштата се според закон

Изнесените тврдења на прес-конференцијата на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, а по наодите на Државниот завод за ревизија, за наводни нерегуларности во работењето на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), ги отфрламе како неточни и неосновани, со впечатлива политичка позадина, пишува меѓудругото во реакцијата  во врска со вчерашната  прес-конференција на министерот за транспорт и врски што денеска до јавноста ја испрати, директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.

Објавено на

часот

Сподели

Јавноста е запозната дека во изминатиот период ЈПДП има реализирани рекордно ниво на капитални инвестиции во патната инфраструктура, сѐ со цел за подобрување на патната мрежа, на автопатското поврзување, на одржување и унапредување за безбедно одвивање на сообраќајот низ целата држава. Минатата година, исто така, регистрирано е рекордно ниво на приходи од патарини, а воведена е електронскa наплата на патарини. Во истиот период, направени се големи зафати за редовно одржување на патиштата, чистење, кастрење на вегетацијата и слично, за поголема безбедност и сигурност за одвивање на сообраќајот, вели Рустеми во реакцијата.

„Конечно, минатата година започна со реализација и најголемиот инфраструктурен проект во историјата на современата македонска држава, тоа се европските коридор 8 и коридор 10д. Во сите овие реализирани проекти, од страна на ЈПДП и менаџментот, испочитувани се сите законски процедури, за коишто има и соодветна документација. Од друга страна, пак, за сето ова, навремено, транспарентно и отчетно е информирана јавноста, и тоа во сите фази од реализацијата на проектите на коишто работело претпријатието“, тврди Рустеми.

Во реакцијата уште се наведени финански детали за, како што ги нарекува Рустеми, клучните проекти, а кои беа наведени на вчерашната прес конференција од страна на министерот Николоски.

„Вредноста на договорот за изградба на патната делница Кичево-Охрид е зголемена со Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти, за изградба на патна делница Миладиновци- Штип и патна делница Кичево-Охрид. За проектот за автопатот од Скопје до границата со Косово, проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра од страна на независна техничка консултантска куќа – Аткинс, ангажирана од ЕБОР, со грант од Европската комисија. При изборот на консултантската куќа и проектантот, ЈПДП немало и не може да има никакво влијание. Изградбата на патната делница Градско-Дреново е од ИПА 2 програмата. Потенцираме дека овде Министерство за финансии е договорен орган, додека Министерството за транспорт и врски е корисник, а ЈПДП е краен корисник и ги има извршено навремено сите обврски од технички аспект за кои е надлежно според Оперативниот договор.“, објаснува Рустеми.

Рустеми апелира „да не се изнесуваат невистини и шпекулации во јавноста поврзани со работењето на ЈПДП и неговиот менаџмент, затоа што ваквите невистини штетат на угледот на самото претпријатие, на раководните лица и на сите вработени“.

„Јавното претпријатие за државни патишта е институција којашто заслужува најголема почит заради нејзините резултати во изминатиот период затоа треба да се стави настрана од дневнополитичките агенди“, категоричен е директоротна ЈПДП, Ејуп Рустеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ