Тие рекоа дека тројцата адвокати се под истрага поради сомневање дека припаѓаат на екстремистичка група и ги обвинија властите дека го отвориле случајот против нив за дополнително да го изолираат затворениот Навални.
„Утринава се спроведуваат полициски рации во домовите на тројцата адвокати на Навални. Еден од нив е приведен, а другите двајца не можевме да ги контактираме“, објави помошничката на Навални Марија Певчих на платформата X. „Навални сега е оставен без никаква правна одбрана и застапување“, додаде таа.
Со помош на неговите адвокати, Навални одржува активно присуство на социјалните мрежи и често поднесува тужби против третманот во казнената колонија во Владимирската област, источно од Москва, каде што е затворен.
Тој треба да биде префрлен во колонија со „специјален режим“ набргу откако беше прогласен за виновен во август за серија нови обвиненија поврзани со „екстремистички“ активности и осуден на дополнителни 19 години, покрај 11 и пол години што веќе ги служи.
Навални ги отфрла сите обвиненија како политички мотивирани и дизајнирани да се замолчат неговите критики на претседателот Владимир Путин. Поддржувачите на Навални рекоа дека еден од неговите адвокати, Игор Сергунин, е приведен, а биле претресени домовите на други двајца, Вадим Кобзев и Алексеј Липцер.
Во канцеларијата на адвокатската фирма на Сергунин во Москва никој не одговарал на телефон. Никој од рускиот истражен комитет не ги коментираше случаите.
Помошникот на Навални, Леонид Волков, на X објави дека тројцата адвокати се соочуваат со затворска казна до шест години доколку бидат осудени за припадност на екстремистичка група, „само затоа што се адвокати на Навални“.
„Ова е чин на заплашување со јасна намера да се зајакне изолацијата на Навални од надворешниот свет“, рече Волков. Тој рече дека тоа би значело дека по очекуваниот трансфер на Навални во новата затворска колонија, „неговите адвокати нема да можат да го посетат таму, па дури и да дознаат каде е тој, доколку тие самите се затворени“, можност што Волков ја опиша како „застрашувачка“.
Навални беше во затвор во изминатите 998 дена откако беше уапсен во 2021 година по враќањето од Германија, каде што се лекуваше од труење со нервен агенс во Сибир.
Кремљ негираше дека се обидел да го убие и одби да го коментира неговиот случај или третманот од затворските власти.