среда, 27 ноември 2024

Русите до Европа: Ќе плаќате поскап гас ако Украина не се предомисли

Доколку Украина не се согласи да го продолжи договорот за транзит на руски гас преку нејзина територија по истекот на сегашниот на 31 декември, европските потрошувачи ќе го почувствуваат тоа во вид на повисоки цени, соопшти денеска Кремљ.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Украина повтори дека не планира да потпише нов договор за транзит на гас со Русија поради тековниот воен конфликт. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, од друга страна, рече дека доколку Киев не го продолжи договорот, Русија би можела да најде алтернативни рути, како што е планираниот турски гасен центар.

„Има и други рути, но секако дека таквите одлуки од украинска страна ќе предизвикаат сериозна штета на интересите на европските потрошувачи, оние кои сѐ уште сакаат да купат гарантирано и пристапно руски гас“, најави Песков.

Тој, исто така, рече дека Европа ќе мора да плати повеќе за гас од други добавувачи, вклучително и течен природен гас (ЛНГ) што доаѓа од САД.

Повеќето приматели на руски гас, кој минува низ транзитната рута низ Украина, најавија дека се подготвуваат да го прекинат протокот на крајот на оваа година кога истекува транзитниот договор меѓу Украина и Русија, со оглед на тоа што Украина најави дека не сака да го обнови.

Друга опција е Гаспром да испорача дел од гасот преку друга рута, на пример преку Турски тек, Бугарија, Србија или Унгарија. Меѓутоа, капацитетот на овие правци е ограничен. ЕУ и Украина, исто така, побараа од Азербејџан да организира разговори поврзани со договорот за транзит на гас со Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ