среда, 30 октомври 2024
Ројтерс

Русија се вкопува додека Украина се подготвува за напад

Објавено на

часот

Сподели

Одбраната видлива на сателитските снимки направени од американската компанија „Капела спејс“ се дел од огромната мрежа руски утврдувања што се спуштаат од западна Русија преку источна Украина до Крим и се изградени како подготовка за голем украински напад, пишува Ројтерс.

Илјадници украински војници се обучуваат на Запад да користат различни воени ресурси на бојното поле на комбиниран начин пред контраофанзивата, за која украинските власти велат дека ќе почне кога нејзините сили ќе бидат подготвени.

Новинарите на Ројтерс ги прегледале сателитските снимки од илјадници одбранбени позиции во Русија и долж линиите на фронтот на Украина, кои покажуваат дека одбраната е најсилна во јужниот регион Запорожје и на влезот на полуостровот Крим.

Шест воени експерти рекле дека одбраната, која во голема мера беше изградена по брзото напредување на Украина есента, може да им отежни на украинските сили овој пат и дека напредокот ќе зависи од нивниот капацитет ефикасно да спроведуваат сложени, комбинирани операции.

„За Украинците прашањето не е бројноста, туку дали се способни за ваков тип војување, операции за комбинирано вооружување“, вели Нил Мелвин, аналитичар во Лондонскиот институт РУСИ.

„Русите покажаа дека не го можат тоа и се вратија на стариот советски метод на исцрпување“, рече тој.

д

Украинската контраофанзива би можела да ја промени динамиката на војната, која забави и се претвори во крвава битка на исцрпување, а воените експерти велат дека должината на фронтот може да ја преоптовари руската одбрана, според анализата на Ројтерс.

Ако Киев успее да ја врати контролата врз југот, би можел да го врати непречениот пристап до своите црноморски извозни рути во време кога Русија навести дека може да го затвори коридорот за жито.

Украина во скоро време можеби нема да добие нова голема испорака на тешка опрема од Запад, поради што Киев е под притисок да ослободи што е можно повеќе територија во случај воената поддршка да почне да опаѓа, велат воените експерти.

„Поголем дел од залихите од Западот се искористени. Ќе бидат потребни неколку години за да се обноват. Мислам дека ова е одлична можност Украина решително да продолжи со својот напредок“, рече Мелвин.

Украина вети дека ќе ја врати целата територија окупирана од Русија, област приближно со големина на Бугарија, но властите не сакаат да откријат какви било информации што би можеле да ѝ бидат од помош на Москва.

Ројтерс потсетува дека Западот испратил голем број модерни борбени тенкови и борбени пешадиски возила за да служат како претходница на офанзивата, заедно со опрема за премостување и возила за чистење мини. Како резултат на тоа, Русија копа големи, слоевити утврдувања за да се осигури дека нејзините трупи ќе бидат многу повкопани отколку кога беа потиснати од североисточна Украина и градот Херсон, покажуваат сателитски снимки.

Снимките анализирани од Ројтерс покажуваат дека најголем дел од руската изградба се случил по ноември, кога нејзините сили се повлекоа од Херсон на југ и двете страни се обидоа да ги зацврстат позициите во текот на зимските месеци.

Воени експерти велат дека одбранбените структури, кои се протегаат на стотици километри, се поставени во области каде што Русија очекува напад или гледа стратегиско значење во одржувањето на контролата на територијата.

Според сателитските снимки, руските позиции се најконцентрирани во близина на линиите на фронтот во југоисточниот регион Запорожје, на исток и преку тесниот појас на копно што го поврзува Крим со остатокот од Украина.

Воените експерти очекуваа дека главниот удар на контраофанзивата ќе биде на југ, иако најтешките борби последниве месеци беа концентрирани на исток, особено околу градот Бахмут.

д

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела го посети регионот Херсон, што некои набљудувачи го протолкуваа како сигнал за неговата стратегиска важност.

Олександр Мусјенко, воен аналитичар од Киев, рече дека југот е од стратегиско значење за Украина. Покрај отсекувањето на копнениот коридор од Русија до окупираниот Крим, длабоките навлегувања на југ може да го доведат полуостровот во дострелот на артилеријата, рече Мусјенко.

На полуостровот во облик на дијамант, кој ѝ беше одземен на Украина во 2014 година, е сместена Црноморската флота, која Русија ја користи за проектирање моќ на Блискиот Исток и Медитеранот, а во последните 14 месеци истрелува крстосувачки ракети кон Украина. На југ се наоѓа нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, која е окупирана од март минатата година и не работи од септември. Порано задоволуваше една петтина од потребите за електрична енергија на Украина.

Градот Полохи, прикажан на сателитските снимки на компанијата „Капела спејс“, се наоѓа во регионот Запорожје и е клучна порта за навлегување на украинските сили кон претежно рамниот југ. Остатокот од таа област се наоѓа надвор од реката Днепар, огромна природна бариера што украинските сили мора да ја совладаат.

„Ги следев рововите што се протегаат од источниот брег на Днепар јужно од Василивка сè до Федоривка, што значи дека минуваат низ Запорожје (регионот)“, рече Џон Форд од Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Монтереј. Според неговата процена, само одбранбениот дел се протега на 120 километри.

Ројтерс пишува дека противтенковските ровови се доволно длабоки и широки за да го попречат напредувањето на тенковите и оклопните возила. Потоа доаѓаат бетонските „змејски заби“, кои служат како барикади во форма на пирамида. Рововите каде што ќе бидат војниците се наоѓаат околу еден километар зад овие ровови.

Освен ровови, барикади и цик-цак ровови, одбранбените линии на Русија ќе вклучуваат и мински полиња, боцкава жица и камуфлирани позиции за оружје. А во случајот со Полохи, Русија изгради две различни одбранбени линии, една на север и една на југ.

Новинарите на Ројтерс виделе како некои градови, како Токмак и Билмак над регионот Запорожје, се опкружени со утврдувања. Ископани се ровови покрај патиштата, надвор од другите населени места и на градските аеродроми Мелитопол и Бердјанск. Северот на Крим е исто така утврден.

Брејди Африк, истражувач на разузнавачки податоци од отворени извори и аналитичар на американскиот институт Ентерпрајз, рече дека мапирал утврдувања од западна Русија до Крим, и дека изградбата се интензивирала откако руските војници го напуштиле градот Херсон.

„Тоа поттикна огромни напори за ископување, особено низ јужна Украина, каде што земјата е прилично рамна“, рече тој.

Пречки на бојното поле

И покрај мрежата на одбрана, четворицата експерти рекле дека руските сили ќе бидат преоптоварени со должината на фронтот и дека Киев може да ја искористи таа ранливост со лажни напади, одвлекување на вниманието, изненадување и оперативна брзина.

Мусјенко вели дека Украина може да ги искористи бродовите што ѝ ги праќа Западот за да изврши напади врз регионот Херсон од другата страна на Днепар за да служат како мамка или за целосни напади. Ова може да ја принуди Русија да ги пренасочи војниците од други области.

Мусјенко процени дека Украина ќе има меѓу 100.000 и 110.000 војници за нападот, вклучително и осум јуришни бригади со вкупно 40.000 војници.

Русија не откри колку војници има во Украина или во своите граници подготвени за распоредување.

Украинските и руските власти преку апликацијата Телеграм известија за серија експлозии во текот на изминатиот месец во Мелитопол, главниот град на окупираната област Запорожје. Мусјенко рече дека Украина ги гаѓа логистичките центри, како што правеше пред повторно да го заземе градот Херсон.

д

Тој вели дека уништувањето на руските линии за снабдување ќе ги ослаби нејзините ровови. „Утврдените позиции се ефективни ако имате муниција и оружје за да се браните“, објасни тој.

Во протечен документ на американска разузнавачка служба од 28 февруари се наведува дека Западот ѝ ветил на Украина 200 тенка. Началникот на Генералштабот на украинската армија Валериј Залужњи во декември изјави дека му се потребни 300 за да ја победи Русија, заедно со други возила и артилерија.

Истите документи, исто така, велат дека Украина се соочува со акутен недостиг од воздушна одбрана, што може да стане проблем доколку на силите на Киев во екот на брзиот напредок им треба заштита од воздушни бомбардирања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ