сабота, 21 септември 2024

Русија реагираше на „планот за победа“ на Зеленски

Русија го отфрли „планот за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски и наведе дека планот нема никаква врска со потрага по дипломатско или политичко решение за прекин на војната и го опиша како користољубив гамбит на Зеленски.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зеленски порача дека неговиот план, чии детали допрва треба да ги открие, е завршен по долги консултации. Би требало да му го престави на американскиот претседател Џо Бајден и да се обрати на состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации во вторник. Зеленски кажа дека неговата инцијатива е смислена за да се создадат услови прифатливи за Украина која е во конфликт со Русија повеќе од две години.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова им кажа на новинарите дека планот изгледа како користољубив гамбит на украинскиот лидер кого Москва го обвинува дека се обидува да го вовлече Западот во тотална војна против Русија.

„Единствената цел е да се спречи распад на антируската коалиција, а тоа нормално нема никаква врска со задачата за наоѓање политичко и дипломатско решение на ситуацијата околу Украина“, кажа Захарова.

Таа го повтори ставот дека Западот треба да престане да го финансира и снабдува Киев со оружје и порача дека е бесмислена каква било иницијатива со наводна цел за постигнување мирно решение ако таа не ја вклучува Русија. Истовремено кажа дека Москва е загрижена поради засилените провокативни активности на НАТО на границата со Белорусија и додаде дека не исклучува обиди за ескалација на конфликтот во регионот.

Москва денес го прозва Западот и за вршење притисок врз Кина поради Тајван и наведе дека неговите провокативни активности ја нарушуваат регионалната стабилност и меѓународната безбедност. Захарова истакна дека Русија ги поддржува потезите на Кина насочени кон одбрана на нејзиниот суверенитет.

Кинеското министерство за одбрана соопшти дека продажбата на американско оружје на Тајван сериозно го нарушува принципот на една Кина и одредбите на заедничката официјална комуникација на Кина и САД. Кина во средата најави дека ќе преземе чекори против девет компании поврзани со американската војска поради продажба на американско оружје на Тајван.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ