Родниот град на евровизиските претставници на Украина беше погоден од руски проектили само неколку моменти пред Творчи да излезе на сцената во Ливерпул. Градоначалникот на Тернопол, Серхи Надал, изјави дека во нападот биле оштетени магацини, додека шефот на регионалната управа, Володимир Труш потврди дека најмалку две лица се повредени.
Само десет минути пред да излезе на сцената, Творчи ги цитираше извештаите на Инстаграм за нападот на Тернопол. „Тернопол е името на нашиот роден град кој беше бомбардиран од Русија додека пеевме на евровизиската сцена за нашите челични срца, нескротливоста и волјата“, изјавија тие по настапот, пренесува Би-би-си.
„Ова е порака за сите градови во Украина кои се гранатирани секој ден. Харков, Дњипро, Хмелницки, Киев, Запорожје, Уман, Суми, Полтава, Виница, Одеса, Миколаев, Чернихив, Херсон и сите други. Европа, обедини се против злото заради мирот!“, додаваат тие.
Творчи ја изведе песната Челично срце, која зборува за украинските сили кои неуспешно се обиделе да се одбранат од Русите во фабриката Азовстал во Мариупол. Иако Евровизија требаше да се одржи во Украина, бидејќи украинскиот оркестар Калуш победи минатата година во Торино, поради војната, домаќинството му беше доделено на Ливерпул.
Амбасадорката на Обединетото Кралство во Украина, Дам Мелинда Симонс, го опиша настапот на Творчи на Евровизија како „трогателен“. „Потсетување дека причината зошто Украина не можеше да биде домаќин на овој настан е тоа што Русија продолжува да врши инвазија, а народот на Украина живее во постојана опасност“, рече таа. Русија сè уште нема дадено официјален коментар.