среда, 30 октомври 2024

Русија ги помина земјите од ОПЕК и стана најголем доставувач на нафта на Индија

Објавено на

часот

Сподели

Русија за првпат го помина Ирак и стана најголем доставувач на нафта на Индија, туркајќи ја Саудиска Арабија на трето место во завршената фискална година, покажуваат податоците. Уделот на ОПЕК се намалил бидејќи Индија, која во минатото ретко купувала руска нафта поради големите трошоци за транспорт, сега е главен клиент за руската нафта која се доставува по море, која западните земји ја отфрлија со санкциите.

Индија увезла околу 1,6 милиони барели дневно руска нафта во 2022/2023 година, што е околу 23 отсто од вкупно увезените 4,65 барели дневно. Одлуката на ОПЕК и нивните сојузници (ОПЕК+) да го намалат производството во мај би можело дополнително да го намали уделот на ОПЕК во Индија, третиот најголем светски увозник на нафта, во остатокот од оваа година ако руските испораки останат зголемени.

„Руската сирова нафта веќе е поевтина од сличните блискоисточни типови и се чини дека ОПЕК со намалувањето на производството си штети сам на себе“, вели аналитичарот на Рефинитив Ехсан Ул Хак. „Тоа дополнително ќе го намали неговиот пазарен удел во Азија“.

Поголемиот увоз на руска нафта го зголемил уделот на земјите од Заедницата на независни држави (ЗНД) на рекордни 26,3 отсто, а го намалил уделот на блискоисточните и африканските земји на најниско ниво во 22 години, на 55 отсто, односно 7,6 отсто. За споредба, уделот на Блискиот Исток во 2021/2022 година изнесувал 64 отсто, додека африканскиот бил 13,4 отсто, покажуваат податоците.

Во 2022/2023, уделот на земјите од Јужна Америка се намалил на 4,9 отсто, најниско ниво во 15 години.

Индискиот увоз на нафта во 2022/23 пораснал за девет отсто во однос на претходната година, додека тамошните државни рафинерии ги интензивирале активностите за да ја покријат растечката домашна побарувачка за гориво откако приватните рафинерии се свртеле кон извоз наместо продажба на горива по цени под пазарните на домашниот пазар.

Локалните рафинерии заедно преработиле околу шест отсто повеќе сирова нафта во 2022/2023, со околу 5,13 милиони барели дневно, покажуваат податоците на владата. Индија во март увезла речиси пет милиони барели дневно, при што руската нафта сочинувала околу 36 отсто од вкупниот увоз.

„Одлуката на ОПЕК за намалување на производството ѝ помага на Русија“, вели аналитичарот Хак, додавајќи дека планираното намалување на снабдувањето ги крена цените на нафтата и истовремено ги намали попустите за руската нафта во однос на референтните вредности Брент и Дубаи.

На некои руски количества цената им надминува 60 долари по барел, горната граница која се обидоа да ја наметнат Г7, ЕУ и Австралија за да ги ограничат приходите на Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ