четврток, 19 септември 2024

Русија е спремна за нуклеарен тест

Шефот на руски нуклеарен полигон изјави дека неговиот таинствен објект е спремен да продолжи со нуклеарни тестови „во кој било момент“ ако Москва издаде наредба, што веројатно ќе ги засили стравувањата дека расте ризикот од таков чекор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Москва не извршила нуклеарен тест од 1990, пред распадот на Советскиот Сојуз, но некои западни и руски аналитичари велат дека претседателот Владимир Путин може да издаде таква наредба за да испрати порака на одвраќање до Западот, доколку ѝ дозволи на Украина да ги користи западните ракети со долг дострел за напад на Русија.

Рускиот нуклеарен тест би можел да охрабри други земји, како Кина или Соединетите Американски Држави, да го направат истото, почнувајќи нова нуклеарна трка во вооружување меѓу големите сили, која престана по распадот на СССР, оценува Ројтерс.

Советскиот Сојуз на полигонот, кој се наоѓа на оддалечениот архипелаг Нова Земја во Арктичкиот Океан, изврши повеќе од 200 нуклеарни тестови, вклучувајќи детонација на најсилната нуклеарна бомба во светот во 1961 година.

Западните шпионски сателити внимателни ги следат активностите на тоа место, особено откако минатото лето сателитски снимки од отворени извори покажаа знаци на градежни работи.

Контраадмиралот Андреј Сињицин, началник на овој полигон, даде интервју за Руска газета, официјалниот весник на руската влада, неколку дена откако Путин го предупреди Западот дека ќе бидат во директен конфликт со Русија ако ѝ дозволат на Украина да ја нападне руската територија со западни ракети со долг дострел.

„Полигонот е спремен за продолжување на активностите за тестирање во полн обем. Целосно е спремен. Лабораториите и тестните објекти се спремни. Персоналот е спремен. Ако дојде наредба, можеме да почнеме со тестирање во кој било момент“, кажа Сињицин.

Путин, кој е на челото на најголемата светска нуклеарна сила, минатиот ноември потпиша закон со кој ја повлече руската ратификација на глобалниот договор за забрана на тестирање нуклеарно оружје. Тој кажа дека на тој начин ја усогласува Русија со САД, кои го потпишаа, но никогаш не го ратификуваа договорот.

Руските дипломати тогаш кажаа дека Москва нема да го обнови нуклеарното тестирање освен ако тоа не го направи Вашингтон. Путин во јуни кажа дека Русија може да тестира нуклеарно оружје „доколку е неопходно“, но дека во овој момент не гледа потреба за тоа.

САД нуклеарно оружје последен пот тестирале во 1992. Само Северна Кореја во овој век спровела тест кој вклучувал нуклеарна експлозија.

Висок член на рускиот институт за стратегиски истражувања, чии идеи понекогаш стануваа владина политика, предложи во мај Москва да размисли за „демонстративна“ нуклеарна експлозија за да го уплаши Западот. Во напис за деловниот магазин Профил, Дмитриј Суслов наведе дека „политичкиот и психолошкиот ефект на нуклеарниот облак во форма на печурка, кој ќе биде прикажан во живот на сите ТВ канали низ светот, ќе ги потсети западните политичари на единственото нешто кое од 1945 година спречила војни меѓу големите сили, а кое сега во голема мера го заборавиле – стравот од нуклеарна војна“, напиша Суслов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ