„Ќе го гониме како животно“, кажа Додик во обраќањето до пратениците во Собранието на РС кое денес расправа за нацртот на новиот ентитетски устав и законот за заштита на државното уредување.
Додик, кој е лидер на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), кажа дека за усвојување нов устав на РС е потребна поддршка од двотретинско мнозинство кое владејачката коалиција го нема, и дека е потребна поддршка од пратеници на опозициските партии.
Наведе дека некогашниот висок претставник Волфганг Петрич наметнал многу амандмани на уставот на РС, поради што, како што оцени, постоечкиот устав на РС „не е волја на народот, туку волја на странците“.
Кажа дека тие наметнати одлуки се потврдени во парламентарното собрание на РС, но оцени дека тоа не е во согласност со Дејтонскиот договор.
Според него, пратениците во парламентот на БиХ „не се Република Српска“, а РС никогаш за тие наметнати закони не утврдила став.
„Нè утепаа со различни наметнувања, само државата е таа која може да ги спроведува своите одлуки, а БиХ нема да може да спроведува без нас“, истакна Додик.
Според нацртот за нов устав на РС, тој ентитет на БиХ има право на самоопределување, а се укинуваат Советот на народи на РС и потпретседателите.
Се укинува и државјанството на БиХ, а се наведува само ентитетското државјанство.
Предвидено е повторно формирање војска на РС, како и воспоставување висок судски и обвинителски совет на РС, кој би именувал судии и обвинители во овој босанско-херцеговски ентитет.
Според нацрт уставот главен град на РС би била Бања Лука, наместо Сараево, како што е наведено во важечкиот устав, додека Пале, односно Источно Сараево би било прогласено за „престолнина“.