петок, 21 март 2025

Азербејџан и Ерменија договорија мир по 40 години конфликт

Ерменски и азербејџански функционери кажаа денес дека го усогласиле текстот на мировниот договор за окончување на речиси четиридеценискиот конфликт меѓу двете земји на јужен Кавказ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двете поранешни советски држави водеа низа војни од доцните 1980-ти кога Нагорно Карабах, азербејџанскиот регион со ерменско мнозинство се одвои од Азербејџан со поддршка од Ерменија.

Ерменското министерство за надворешни работи соопшти денес дека од нивна страна е финализиран нацртот на мировниот договор со Азербејџан.

„Мировниот договор е спремен за потпишување. Република Ерменија е спремна да почне консултации со Република Азербејџан за датумот и местото на потпишување на договорот“, соопшти ерменското министерство.

Министерството за надворешни работи на Азербејџан во своето соопштение наведе: „Со задоволство објавуваме дека преговорите за текстот на нацрт договорот за мир и воспоставување меѓудржавни односи меѓу Азербејџан и Ерменија се завршени’“.

Временската рамка за потпишување на договорот е неизвесна бидејќи Азербејџан истакна дека предуслов за тоа е промена на уставот на Ерменија, за кој вели дека имплицитно полага право на нејзина територија.

Ерменија ги негира таквите тврдења, но премиерот Никол Пашинјан неколку пати во последните месеци кажа дека основниот документ на земјата треба да се измени и повика на референдум за тоа да се направи. Датумот не е одреден.

Избивањето на непријателствата во доцните 1980-ти поттикна масовно протерување на стотици илјади муслимани Азери од Ерменија и Ерменци, главно христијани, од Азербејџан.

Мировните преговори почнаа откако Азербејџан на сила го врати Нагорно Карабах во септември 2023, поради што речиси сите 100 илјади Ерменци од тој регион избегаа во Ерменија.

Двете страни порачаа дека сакаат да го потпишат договорот за окончување на долгогодишниот конфликт, но напредокот беше спор, а односите напнати. Нивната граница долга 1.000 километри е затворена и силно милитаризирана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ