Алексеј Лихачев, извршен директор на руската државна компанија за нуклеарна енергија Росатом, го искоментира ова на состанокот со шефот на ИАЕА Рафаел Гроси во рускиот град Калининград, се вели во соопштението на Росатом, откако Гроси ја посети централата минатата недела.
„Очекуваме конкретни чекори од ИАЕА кои имаат за цел да ги спречат ударите на вооружените сили на Украина, како на нуклеарната централа Запорожје, така и на соседната територија и критичните инфраструктурни објекти“, ја цитираше Росатом изјавата на својот шеф.
ИАЕА оваа недела соопшти дека електраната „се бори со… предизвиците поврзани со водата“ откако уништувањето на браната Каховка го испразни огромниот резервоар на чиј јужен брег се наоѓа централата, вели Ројтерс.
Исто така, се вели дека воената ситуација во областа станала сè понапната кога Киев почнал контраофанзива против руските сили што презеле контрола врз делови од источна и јужна Украина.
Москва и Киев редовно меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемата европска нуклеарна централа, со нејзините шест офлајн-реактори. Меѓународните напори за воспоставување демилитаризирана зона околу неа досега не успеаја.
Украина оваа недела ја обвини Русија за планирање „терористички“ напад во централата што вклучува ослободување радијација, додека Москва во петокот приведе пет лица за кои рече дека планирале да шверцуваат радиоактивен цезиум-137 по барање на украински купувач за да инсценираат нуклеарен инцидент.