сабота, 26 октомври 2024

РСЕ: Молдавија протера руски дипломат

Министерството за надворешни работи на Молдавија денеска прогласи службеник на руската амбасада во Кишињев за персона нон грата, набргу откако властите во Кишињев уапсија двајца молдавски функционери по упадот на безбедносните сили во просториите на парламентот во врска со истрага за шпионирање.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот амбасадор Олег Васњецов „денес беше повикан во Министерството за надворешни работи и му беше врачена нота со која вработен во амбасадата е прогласен за персона нон грата“, се вели во соопштението на Министерството.

Министерството додаде дека потегот е поттикнат од „информации и докази“ што ги добиле молдавските власти, кои докажуваат дека рускиот дипломат извршувал „активности некомпатибилни со дипломатскиот статус“ на територијата на Молдавија, објави молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Одлуката за протерување на рускиот дипломат, кој не е именуван, дојде набргу откако агентите на молдавската безбедносна разузнавачка служба (СИС) и Обвинителството за борба против организираниот криминал и специјалните случаи (ПЦЦЦОЦС) ја претресоа зградата на молдавскиот парламент и приведоа еден вработен во собранието, како и граничен полицаец осомничен за велепредавство и заговор.

Двајцата, кои според молдавскиот закон може да бидат притворени 72 часа, наводно собрале и му дале на службеник на руската амбасада во Кишињев информации што им штетат на интересите на Молдавија.

Изворот на кој се повикува Ројтерс рекол дека ќе биде протеран заменикот на военото аташе во руската амбасада во Кишињев. Тој има 48 часа да ја напушти Молдавија.

„Најважно е сега да се осигуриме дека овој случај на предавство ќе биде најстрого казнет во согласност со законот“, рече прозападната претседателка на Молдавија Маја Санду во интервју за молдавската телевизија Журнал во средата.

Од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, Молдавија цврсто застана на страната на Западот во осудата на инвазијата и прифати десетици илјади украински бегалци.

Минатиот месец, Молдавија ги отвори пристапните преговори со Европската Унија, откако во јуни 2022 година доби статус на кандидат заедно со Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ