Белозоренко, која по потекло е од јужниот град Херсон, претежно руско говорно подрачје, сега има околу 110.000 следбеници на Инстаграм, каде што објавува кратки видеа со совети за подобрување на украинскиот речник и вештините за говор, пишува Ројтерс.
Нејзиниот бизнис цвета и таа почнала онлајн-обука за јавно говорење на украински јазик. Индивидуалните тренинзи се закажани неколку месеци однапред и таа сега бара поголем простор за предавања во нејзиното театарско студио во центарот на Киев.
„Го учам украинскиот заедно со луѓето. Го најдов мојот пристап и се обидувам да го направам тоа на лесен, забавен и пријателски начин“, рекла Белозоренко (35) за Ројтерс.
Големите компании преминале на украинскиот брзо по минатогодишниот почеток на инвазијата, по многу децении во кои рускиот беше главен јазик на трговијата, пишува британската агенција.
Податоците од платформата за барање работа work.ua покажаа дека работодавците на крајот на 2022 година објавиле 84 отсто од слободните работни места на украински и 13 отсто на руски. Ситуацијата беше речиси спротивна во 2015 година: 16 отсто од слободните работни места беа на украински, а 80 отсто на руски.
Компаниите во некогаш русофоните градови Одеса, Дњепар и Харков најбрзо се префрлија на украинскиот, се наведува во соопштението.
Најголемите украински банки го отстранија рускиот јазик од своите мобилни апликации и веб-страници. „Монобанк“, која има седум милиони клиенти како физички лица, ја ажурираше својата апликација во септември 2022 година само на украински јазик. До тој момент, употребата на нејзината верзија на руски јазик веќе се намали за 30 отсто од почетокот на инвазијата.
Украинскиот е официјален јазик во земјата, но повеќето Украинци се двојазични по генерациите советско и царско владеење кога рускиот јазик беше промовиран, а украинската култура потиснувана, според Ројтерс.
Украинскиот традиционално повеќе се зборува на западот, додека рускиот беше позастапен на југот и на истокот, како и на улиците на главниот град Киев. Многу Украинци низ целата земја се обидуваат да го избришат влијанието на Русија, да ја зајакнат независноста од соседот чии војници ги уништија украинските градови и убија илјадници луѓе.
Најистакнатиот Украинец што премина од руски на украински е претседателот Володимир Зеленски, од јужниот руски град Криви Рог, каде што претежно се зборуваше руски. Тој прво стекна слава како комичар што настапуваше на руски, но сега речиси никогаш не го користи во јавноста.
Процесот на „дерусификација“, кој почна по 2014 година, кога Москва го зазеде и го припои Крим и ги поддржа проруските сили што водат војна на истокот, нагло се забрза по почетокот на инвазијата минатата година.
Улиците, градовите и селата се преименувани, вклучително и 288 улици само во Киев, а беа урнати и споменици на руски историски личности. Државната компанија „Украински железници“ покрена тригодишна програма за преименување на станиците и промена на знаците „за уништување на сѐ што нѐ поврзува со земјата-агресор“.
Москва тврди дека политиката на охрабрување на употребата на украинскиот јазик претставува дискриминација на населението што зборува руски, што е едно од нејзините оправдувања за инвазијата. Киев негира дека процесот вклучува принуда и вели дека тој ги одразува желбите на луѓето низ целата земја. Сепак, како што истакнува Ројтерс, постојат знаци дека оваа транзиција не е лесна за некои луѓе.
Официјалното образование сега треба да се спроведува само на украински, а рускиот е забранет во кампусот на еден од водечките либерални универзитети во земјата, Киевско-мохиланската академија.
Љубов Воробјова, која предава на Државниот даночен универзитет во Ирпин северно од Киев, овој месец го одби барањето на студент да се префрли на украински за време на онлајн-час по филозофија, велејќи дека ѝ е тешко да се приспособи по 35 години предавање на руски јазик. На социјалните мрежи е објавена снимка од предавањето, која предизвика бурни реакции. Од универзитетот соопштија дека професорката е суспендирана и дека истрагата за случајот е во тек.
Белозоренко рече дека нејзините часови, каде што ги учи луѓето полесно да го користат украинскиот јазик во јавноста, имаат цел да „помогнат, но не и да критикуваат“. Таа е најмногу горда со промената, за која вели дека се случила без нејзино поттикнување.
Нејзините родители, кои зборуваат руски, со месеци живееле под руска окупација во регионот Херсон, пред украинските сили повторно да го преземат во контраофанзива во минатата година.
„Во семеен муабет со моите родители и брат почнавме да користиме украински и тоа се случи без мое мешање“, рекла Белозоренко за Ројтерс.