недела, 14 јули 2024

„Роденден“ нова премиера на штипскиот Народен театар

Објавено на

часот

Сподели

Режисерот, Христов на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за еден нов и необичен проект, во кој е карактеристична атмосферата, која го зачудува гледачот.

„Претставата сама по себе е доста специфична заради тоа што, иако е на сцена, во театар, таа воведува еден нов филмски јазик на режија и на глума во театарот, којшто е доста зачуден и невообичаен за публиката. Се надеваме дека со тоа ќе предизвика доволно интерес кај публиката да ја следи“, рече Христов.

Во претставата играат актерите: Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Валентина Ѓоргиевска, Владимир Тулиев, Стефанија Митовска и Даријан Петров, а костимите ги изработија студентите на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

„Она што е интересно е што оваа претстава е еден нов почеток на соработка со УГД, за што упатуваме благодарност до професорката Марија Киркатова, која заедно со својот тим на студенти ги изработија костимите. Конечно се случи соработката помеѓу Универзитетот и Театарот, се надевам дека ова нема да биде последен проект и ќе биде само почеток на идни многу успешни проекти“, вели актерот Милорад Ангелов.

Според актерите, публиката од претставата останува збунета со несигурно чувство. Екипата на Театар Штип со својата игра го доловува и претставува токму тоа.

„Конечно, штипски Театар по долго време, по период на само комедии, добива и сериозна претстава, актерска, театарска, филмски суптилна, модерен израз и нешто во што театарската публика сигурно ќе ужива“, додаде актерот Ефтим Трајчов-Ѓаурски.

Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип, Горан Трајков вели дека ова е трет театарски проект на штипскиот театар, а прв финансиран од Министерството за култура. До крајот на полусезоната ќе се работи и на уште еден, четврти проект.

„Јас како директор сум задоволен од нивната работа, затоа што имаа некој процес кој за нив беше лагоден и удобен за работа, така што се надеваме дека и публиката тоа ќе го почувствува в сабота“, изјави Трајков.

По премиерата в сабота, ќе следат две репризни изданија на 6 и 8 јуни. Почетокот е во 20 часот.

Влезниците за премиерата се распродадени, а за репризните изданија чинат 200 денари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ