Најкритично е во селото Негрево и градот Пехчево. Постои голема опасност пожарот да навлезе во селото и градот. Механизацијата на општината е максимално ангажирана во правењето противпожарни пресеци.
Под закана е и селото Живиње во Кумановско. Во опасност се и куќите на кратовското село Татомир. Во Свети Николе, пожарот кај селото Долно Ѓуѓанци се шири кон Куманово.
Веќе неколку дена под закана на пожарот се селата Тажево и Брезница во Општина Македонски Брод. Девет лица од овие две села се евакуирани.
„Ги повикуваме сите жители на селата кои се и под најмала закана дека ќе бидат зафатени од некој од пожарите веднаш да се евакуираат. Според прогнозите и утре ќе имаме жежок и ветровит ден, а тоа значи и голема можност за разгорување на постоечките и појава на нови пожари“, вели во вечерната изјава Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.