„Ги почитуваме сите религии на припадниците на етничките заедници во Македонија, но сакаме да потенцираме дека Собранието не е и не смее да биде место за организирање на какви било религиски обреди. Одговорноста е на претседателот на Собранието да се грижи за дигнитетот на Собранието како и негова заштита од злоупотреби како највисок претставнички дом во Македонија.
Овој чин на злоупотреба, исто како и непочитување на законот за употреба на знамињата, движењето ЗНАМ-За наша Македонија го смета како чин на провокација и демонстрација на моќ од позиција на власт, преку прекршување на Уставот и законите на Македонија“, се вели во реакцијата на ЗНАМ.
Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ на каналот Телеграм само напиша: „Ако било што кажам или напишам на ваквото однесување, кое Собранието го трансформира во верски објект, а со самото тоа ја нарушува уставно утврдената секуларност на државата, ќе биде нападнато како говор на омраза и останати глупости од антисрпскиот вокабулар, но добро е што постојано вака сами се посипуваат со пепел“, напиша Стоилковиќ.
Реагираа и од Левица. „Во Собранието на Република Македонија, во салата Борис Трајковски се одбележа Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница, каде коалициониот партнер на ДПМНЕ и ЗНАМ – спикерот Африм Гаши оддржаа молитва, со што го прекрши Уставот на државата, ја погази секуларноста и сите норми на правната држава.
Имено, Гаши иницирал религиски обред – молитва во Собранието на Република Македонија со што директно е прекршен член 19 од Уставот на Република Македонија. Дополнително, тој не го испочитувал уставното нечело дека сите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата.
Оценуваме дека ова анти-државно, анти-уставно и анти-секуларно однесување е реализирано во заеднички договор на владејачката коалиција. За жал ова не е единствено вакво однесување на Африм Гаши по давањето заклетва од страна на собранискиот спикер на албански јазик.
Го осудуваме ваквото поведение – секуларноста е еден од основните принципи за функционално демократско општество, и затоа ќе поднесе интерпелација против собранискиот спикер за ова своеволие“, соопшти Левица.