Од Институтот за демократија објаснуваат дека апликацијата е насочена кон поддршка на активното граѓанско учество, преку овозможување на лесно и брзо реагирање при непостапување на институциите кога тоа е потребно, или при случаи што го загрозуваат интегритетот на институциите.
„Целта на ‘Реагирај’ е да овозможи побрза и поефикасна комуникација помеѓу граѓаните и институциите. Со едноставен клик на копчето „реагирај“, се генерира мејл кој потоа корисникот може да го испрати до институциите одговорни за решавање на проблемот. Вака, граѓаните директно се вклучуваат во активната борба со корупцијата и добиваат можност да делуваат и да реагираат кон носителите на одлуки“, вели Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување во ИДСЦС.
На платформата, граѓаните може да ги најдат сите иницијативи што се креирани и упатени до различни институции од областа на образованието, здравството, јавните услуги.
„Секоја акција има различно време на траење и цел, овозможувајќи им на граѓаните да се вклучат во иницијативите што најмногу ги засегаат. Во моментов е активна и реакција за алармантната состојба со јавниот превоз во Скопје со која граѓаните бараат унапредување на квалитетот и инвестиции во развој на современ, финансиски достапен и одржлив систем за јавен превоз“, вели Поповиќ.