четврток, 31 октомври 2024
Интервјуто на директорката на УЈП ја налути ВМРО-ДПМНЕ

Разликите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се видливи, вели Лукаревска, од опозицијата ѝ вратија дека ја запустиле државата

СДСМ се докажа како грижлив сојузник на граѓаните, ранливите, земјоделците, компаниите. Во услови на огромни светски кризи ги зголемивме платите, пензиите, помошта за граѓаните, вели заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска. Таа во интервју за Фокус истакнува дека „разликите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се видливи, наместо стиропор има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати, нема затворање медиуми и редење вести, нема ќотек за пратениците и новинарите во Собранието, нема закани“. Ова ја налути опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде во писмена реакција велат дека СДСМ ја уништила и запустила државата.

Објавено на

часот

Сподели

Во однос на изборите, Лукаревска вели дека тие имаат референдумско значење – дали земјава ќе продолжи напред или ќе се струполи назад.

„СДСМ се докажа како грижлив сојузник на граѓаните, ранливите, земјоделците, компаниите и тоа во услови на огромни светски кризи: пандемиска, енергетска и економска. Требаше да се задржат работните места, да се преживее и да се истрае. Ако на тоа се додаде во каква состојба ја затекнавме државата во 2017 година и по економски параметри, тогаш јасно е колкав огромен напор е вложен од оваа влада за да се намалат последиците од кризите. И во такви кризни, неизвесни времиња, ги зголемивме платите, пензиите, социјалната помош. Носевме пакети на мерки финансиска помош, кои опозицијата не сакаше ни да ги гласа“, наведува Лукаревска.

Според неа, секоја влада на СДСМ морала да носи тешки одлуки, не одолжувала, не ги заобиколувала, туку се соочувала со проблемите.

„Во 2017  година наследивме исклучително специфична ситуација – кревка, ранлива, изолирана држава. И ако направиме споредба со Македонија-членка на НАТО и на чекор до ЕУ, ќе можеме да заклучиме дека оваа влада направи многу. Никогаш како политичка партија проблемите не сме ги ставале под тепих, туку сме ги решавале, па и по цена на популарноста. Ние се боревме за демократија и слобода, за транспарентност и отчетност, за слобода на изразување. И затоа критиките слободно и се слушаат, и ги сфаќаме добронамерно. Не сме совршени, има многу работи што треба да се подобрат“, нагласува Лукаревска.

Таа информира и дека партијата сега работи на новата програма. Уверена е дека СДСМ ќе победи и ќе формира влада на чело со претседателот Димитар Ковачевски.

„Силно ќе го продолжиме европскиот пат кон 2030-та, кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа ќе биде победа на разумот и желбата да направиме сè нашата држава да живее по стандардите на членките на Унијата. Има многу истражувања, кои укажуваат дека голем дел од младите што се иселиле од своите земји пред тие да станат членки на ЕУ, се вратиле дома кога нивните држави се израмниле во редот со државите-членки на ЕУ. Тоа е и треба да ни остане најголема мотивација“, вели Лукаревска.

Оценува и дека опозицијата нема став, ниту план.

„Што има опозицијата? Нема став, туку некакви ветувања за кои ќе ни кажеле како ќе ги остварат некогаш понатаму. И да, нивната стратегија е стратегија на конфликти. Тоа и го најавија уште пред формирањето на техничката влада. Затоа повеќепати повторувам дека овие избори имаат референдумско значење. Дали ќе продолжиме напред или ќе се струполиме назад“, вели заменик претседателката на СДСМ, Лукаревска.

Ова ја налути опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде во писмена реакција велат дека СДСМ ја уништила и запустила државата.

„За какви инвестиции зборува Лукаревска, 7 години една шајка не заковаа, државата ја уништија и запустија. Со најголеми буџети од над 5 милијарди, 7 години не можат да го направат патот Охрид Кичево, кој беше оставен со над 60 отсто реализираност. 1 километар од Скопје до Блаце не можат да почнат, а не пак да го направат, еден селски пат немаат направено. Лукаревска е најнеуспешен директор на УЈП. Милиони се испумпаа со фиктивни фактури, кога ВМРО-ДПМНЕ објави таа негираше, за сега сама да признае дека имало криминал. Јавниот долг го зголемија за 70 отсто за 7 години, а лекови за болни нема. Милиони фрлија по тендери, а секоја учебна година почнува без учебници. Државата е колабирана по сите основи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека сите земји од регионот од 2017 до 2023 годима имале раст на БДП по глава на жител над 50 отсто, само Македонија со СДС и ДУИ 20 отсто.

„Прашањето е како е тоа можно? Одговорот е имаме Влада која е двојно послаба од владите во сите околни држави од Албанија, преку Србија и Црна Гора до БИХ. Нема држава во регионот која е зад нас. СДС и ДУИ можат да бидат горди, први сме, но од позади. СДС и ДУИ ја уништија државата. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“, велат во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ