понеделник, 11 ноември 2024

Годинава сè уште не паднал снег на јапонската планина Фуџи, што не се случило 130 години

Јапонската планина Фуџи сè уште е без снег, што е најдоцнежен датум нејзините падини да се без бела покривка од почетокот на мерењата пред 130 години, објави јапонската метеоролошка агенција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Снежната покривка на вулканот обично почнува да се формира на 2 октомври, а минатата година првиот снег беше забележан на 5 октомври.

Сепак, поради топлото време оваа година, на највисоката јапонска планина сè уште нема врнежи, изјави Јутака Катсута, синоптичар од локалната метеоролошка служба Кофу.

Ова го означи најдоцниот датум откако се достапни компаративни податоци од 1894 година, надминувајќи го претходниот рекорд од 26 октомври – кој беше забележан двапати, во 1955 и 2016 година.

„Летните температури беа високи, а овие високи температури продолжија и во септември, спречувајќи пристигнување на студен воздух кој носи снег“, изјави Катсута за АФП.

Тој додаде дека климатските промени може да имаат одредено влијание врз доцнењето на формирањето на снежната покривка.

Ова лето, Јапонија го имаше најжешкото лето во историјата – еднакво на она од 2023 година – бидејќи екстремните топлотни бранови, поттикнати од климатските промени, зафатија многу делови од светот.

Планината Фуџи е покриена со снег во поголемиот дел од годината, а за време на сезоната на планинарење од јули до септември, повеќе од 220.000 посетители се искачуваат на стрмните, карпести падини. Многумина се искачуваат ноќе за да го гледаат изгрејсонцето од врвот висок 3.776 метри.

Помалку планинари се искачија на Фуџи оваа година, откако јапонските власти воведоа влезна такса и дневна квота на посетители за да го намалат прекумерниот туризам.

Симетричната планина е овековечена во бројни уметнички дела, вклучувајќи го и Големиот бран на Хокусаи.

Последната ерупција се случила пред околу 300 години.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ