петок, 1 ноември 2024

Рама: Деескалација не може да има додека Србија не ги ослободи косовските полицајци

Објавено на

часот

Сподели

Рама оцени дека уапсените се „заложници“ и го критикуваше ставот на Србија во случајот. Приштина тврди дека полицајците биле „киднапирани“ од територијата на Косово, додека Србија останува на ставот дека биле уапсени затоа што биле „длабоко“ на нејзина територија.

Полицајците се уапсени во погранично дело, но КФОР, воената мисија на НАТО, изјави дека не можат да утврдат на чија територија се случило тоа.

Рама смета дека е „неоправдано и вознемирувачко“ тоа што Србија ги држи косовските полицајци во притвор додека бара ослободување на Србите што беа уапсени. Официјална Приштина претходно оцени дека Србија ги уапсила полицајците за да се „одмазди“ за апсењето на Милун Миленковиќ, кој е обвинет за учество во организацијата на нападот на КФОР.

Конфликтот меѓу КФОР и Србите се случи на 29 мај во Звечан на северот на Косово, а во таа прилика имаше околу 80 повредени од двете страни.

Премиерот на Албанија, исто така, рече дека „демократските држави никогаш не одговараат на овој начин на апсењата за кои сметаат дека се случајни“, и додаде дека Србија треба да соработува со КФОР во врска со тврдењата дека Србите „неосновано“ се апсат. Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, побара амнестија за сите уапсени Срби што учествуваа во протестите против косовските власти. Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека уште еднаш им се обратил на лидерите на Европската Унија, како и на претседателот на Франција, Емануел Макрон, на германскиот канцелар Олаф Шолц и на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со барање за целосно спроведување на договорот за нормализација на односите. Овој договор беше прифатен од двете страни, по предлог на ЕУ, на крајот на февруари, додека Анексот за негова имплементација беше договорен во почетокот на март. Во спротивно, смета Рама, постои ризик од избивање на „оружен конфликт меѓу групите што дејствуваат на северот на Косово и безбедносните сили“, додавајќи дека тоа само ќе биде од корист за Русија.

Тензиите на северот на Косово се зголемија на 26 мај, кога косовската полиција помогна во преземањето на општинските згради со цел да се обезбеди простор за работа на новите градоначалници Албанци. На ова остро се спротивстави месното српско население, бидејќи по бојкотот на априлските избори не ги прифаќаат резултатите. Меѓународната заедница бара итна деескалација и распишување нови избори на северот на Косово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ