понеделник, 21 октомври 2024

Раичевиќ: Републичкиот обвинител треба да биде препознатлив по одговорноста, а не по атипичните настапи

Обвинителството заслужува да има јавен обвинител, кој што ќе пренесе во народот, доверба дека може да има јавен обвинител, кој ќе пружа кривично правна заштита и ќе помогне да криминалот во нашата земја се намали, вели јавната обвинителка Лидија Раичевиќ, која е еден од тројцата кандидати за највисоката обвинителска функција во државата.

Објавено на

часот

Сподели

Јавниот обвинител како индивидуа, според Раичевиќ, треба да биде препознатлива, не по настапи кои што се атипични, туку по сериозност, одговорност и по правда која што ќе ја претстави на граѓаните.

Раичевиќ, која доаѓа од Основното јавно обвинителство Скопје, е еден од тројцата пријавени кандидати заедно со Фатиме Фетаи и Љупчо Коцевски, на огласот за избор на нов републички јавен обвинител, на местото на Љубомир Јовески, чиј мандат завршува в понеделник на 25 декември.

Советот на јавни обвинители утре ќе треба да избере вршител на должноста кој ќе го замени Јовески. Вршителот на должност ќе се избере од редот на републичките обвинители и тој ќе биде на оваа функција до изборот на нов републички јавен обвинител за кого постапката е во тек.

Раичевиќ, денеска во изјава пред Кривичниот суд во Скопје, рече дека со оглед на високиот интерес, дојдено е време да е прашаат тие што ќе го изберат јавниот обвинител, кои се нивните аргументи и што очекуваат од тој јавен обвинител.

„Она што е за мене важно и што е предизвик, и што сум сосема свесна врз база на искуството и годините поминати во обвинителство, е тоа, што ме очекува доколку бидам избрана. Тоа е навистина сериозна и многу тешка функција. Обвинителството заслужува да има јавен обвинител, кој што ќе пренесе доверба дека може да има јавен обвинител, кој ќе работи навистина по законски прописи и ќе пружа кривично правна заштита, и кој што ќе помогне криминалот да се намали“, изјави Раичевиќ.

Прашана дали очекува постапката за изборот да се заврши успешно со оглед дека доаѓа предизборен период, Раичевиќ рече, дека начинот и постапката за избор се предвидени со закон и дали тоа ќе се случи и на каков начин се прашања на кои таа не може да одговара, но нагласи дека очекува процедурата со ваков интерес на јавноста да се проследи во целост и да се види што ќе се случува од чекор во чекор.

„Дали тоа ќе се случи и на каков начин, дали техничката Влада можеби ќе го попречи изборот на јавниот обвинител на државата, се прашања на кои што јас не можам да имам одговор од позицијата на која што сум. Би се свело на шпекулации, што е непристојно за функцијата за која амбицирам, но, затоа следењето на тој процес и сето тоа што ќе се случува, како времето, роковите и аргументите, особено образложението кој кандидат ќе биде избран, мислам дека ќе можат да дадат одговор на вашето прашање“, изјави Раичевиќ.

За тоа што најмногу им недостигна на обвинителите за ефикасно работење, Раичевиќ вели дека недостатоците се на три нивоа – функционални, институционални и персонални.

„Кога зборувам за функционални недостатоци, сметам, дека таа функција треба да биде многу пооперативна и експонирана во своите манифестации на дејствија кои што се бројни, а за кои што воопшто јавноста не знае. Во однос на институцијата, сметам дека позицијата на јавен обвинител ќе овозможи повисоките инстанци да имаат поголем увид во сите обвинителства низ државата и нивниот капацитет да се подобри во начинот на извршување на нивните задачи“, посочи таа.

Што се однесува до персоналните, Раичевиќ, рече дека се залага преку своите менторски активности и сите можни начини кои и се на располагање индивидуата јавен обвинител да биде препознатлива личност во иднина.

„Препознатлива, не по настапи кои што се атипични, туку по сериозност, одговорност, по правда која што ќе му ја претстави на граѓаните“, изјави Раичевиќ. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ