среда, 23 октомври 2024

Путин на отворањето на самитот на БРИКС: Во тек е формирање на мултиполарен свет

Рускиот претседател Владимир Путин на отворањето на самитот на БРИКС во Казањ изјави дека „е во тек формирање мултиполарен свет“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во тек е процес на формирање мултиполарен свет, динамичен и неповратен процес“, рече Путин во почетокот на самитот со кој Кремљ настојува да направи противтежа на „западната хегемонија“.

Рускиот претседател додаде дека околу 20-те лидери собрани во Казан ќе разговараат за „најитните прашања“, вклучувајќи ги и прашањата за „решавање на регионалните конфликти“.

Путин предложи БРИКС да воспостави сопствена берза на жито и платформа за дијаманти

Путин предложи оваа организација да формира своја берза за жито и посебна платформа за благородни метали и дијаманти. „Имплементацијата на оваа иницијатива ќе му помогне (на БРИКС) да ги заштити националните пазари од негативно надворешно мешање, шпекулации и обиди да предизвика вештачки недостиг од храна“, рече рускиот лидер.

Според претседателот на Русија, Москва се залага и за создавање нова инвестициска платформа на БРИКС, која би станала средство за поддршка на националните економии и во исто време би обезбедила финансиски средства за земјите од глобалниот Југ и Исток.

Уделот на земјите од БРИКС во светската економија во однос на паритетот на куповната моќ го надминува уделот на земјите од Г7, изјави Владимир Путин. Рускиот лидер изјави дека светската трговија и глобалната економија значително се менуваат, при што центрите на активност се движат кон пазарите во развој.

Фото: ЕПА

Се формира мултиполарен модел, кој покренува нов бран на раст, пред сѐ поради глобалниот Југ и Исток, како и, се разбира, поради земјите од БРИКС, додаде претседателот на Русија.

За главните области на соработка меѓу земјите од БРИКС

За време на претседавањето со организацијата БРИКС, Русија ги определи политиката и економијата како некои од главните области на соработка меѓу членките, рече Путин во Казањ, каде што се одржува самитот на оваа организација.

„Се стремевме да го зајакнеме авторитетот на БРИКС, да ја зголемиме неговата улога во светските прашања и во решавањето на итните глобални и регионални проблеми, и направивме сѐ за да ја подобриме и продлабочиме мултилатералната соработка на нашите земји во три главни области: политиката и безбедноста, економијата и финансиите, како и културната и хуманитарната сфера“, истакна Путин, пренесе руската агенција РИА новости.

Тој посочи дека се прави многу за да се обезбеди целосна интеграција на новите членки во работата на БРИКС. Според Путин, земјите-учеснички на самитот покажуваат одговорност за состојбата на светско ниво, не само со зборови, туку и со дела, се залагаат за еднаквост, добрососедски односи и меѓусебно почитување. Рускиот лидер исто така посочи дека натамошното проширување на оваа организација е подеднакво важно прашање, додавајќи дека би било погрешно да не се земе предвид досега невидениот интерес на глобалниот Југ и Исток за зајакнување на контактите со БРИКС.

Според него, повеќе од 30 земји веќе изразиле таква желба, при што е потребно да се одржи рамнотежа и да не се дозволи намалување на ефективноста на организацијата. Путин потсети дека на самитот одржан во Јужна Африка во 2023 година, учесниците се согласија да развијат модалитети и категории на земјите-партнери на БРИКС, како и да формираат список на кандидатите за таков статус.

Рускиот лидер посочи дека е важно овие одлуки да се вклучат во завршната декларација на состанокот во Казањ. Во овој руски град до 24 октомври се одржува самитот на организацијата БРИКС, а на него учествуваат претставници на 36 земји, како и на шест меѓународни организации.

Фото: ЕПА

БРИКС, кој првично се состоеше од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, се прошири и ги вклучи Иран, Египет, Етиопија, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

Турција, Азербејџан и Малезија поднесоа барање за членство, а интерес за приклучување изразија уште неколку земји.

Путин има бројни билатерални средби на маргините на самитот. За утре е планирана средба и со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој утрово пристигна во прва посета на Русија по повеќе од две години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ