петок, 18 октомври 2024

Путин: Макрон престана да ми се јавува

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека францускиот лидер Емануел Макрон ги прекинал односите со него, но оставил простор за обновување на тие односи, објави порталот Политико.

Објавено на

часот

Сподели

Пред војната во Украина, Макрон се обиде да ја игра улогата на преговарач меѓу Западот и Русија – францускиот претседател отпатува во Москва во неделите пред руската инвазија во последниот обид да ги смири тензиите. Фотографиите на Макрон како седи на спротивната страна од долгата маса во Кремљ станаа популарен мем и мрачен показател дека Путин не сака да преговара, потсетува бриселскиот портал.

Вчера, за време на годишната конференција на која четири часа одговараше на прашања од претставници на медиумите и јавноста, новинар од францускиот канал ТФ1 побара од Путин да даде коментар за односот со Макрон.

Путин рече дека тие имале „прилично добри работни односи и дека сме подготвени за понатамошна соработка со Франција за билатералните и глобалните прашања“. Сепак, рече Путин, „во еден момент францускиот претседател ги прекина односите со нас. Тоа не го сторивме тоа, ниту јас. Тој ги прекина односите“.

„Доколку има интерес за воспоставување односи, ние сме подготвени. Ако не, ќе се снајдеме“, рече Путин и додаде: „Имаме други работи“.

Претходно за време на конференцијата, Путин ги пофали словачкиот претседател Роберт Фиц и унгарскиот лидер Виктор Орбан, за кои рече дека „не се проруски, туку пронационални“ лидери. „Сите други зависат од големиот брат“, рече Путин, мислејќи на САД.

Рускиот претседател, кој следниот март ќе бара уште еден шестгодишен претседателски мандат, повторно зазеде бескомпромисен став за војната во Украина. Тој, како што пренесува Ројтерс, рече дека борбите ќе продолжат сѐ додека Украина не биде „демилитаризирана“, „денацификувана“ и неутрална, освен ако Киев не прифати договор со кој би се постигнале овие цели.

„Мирот ќе се воспостави кога ќе ги постигнеме нашите цели… што се однесува на демилитаризацијата, ако Украинците не сакаат договор – тогаш ќе бидеме принудени да преземеме други мерки, вклучително и воени“, рече Путин. Тој исто така истакна дека руските сили ја презеле иницијативата на фронтот. „Практично по целата линија на борби, нашите вооружени сили скромно напредуваат“, рече тој.

Тој рече дека видел знаци дека западниот ентузијазам за обезбедување воена и финансиска помош за Украина се намалува, но дека верува дека Киев ќе продолжи да добива помош уште некое време. Тој го повтори тврдењето дека проширувањето на НАТО кон исток ја принудило Русија на војна.

„Нескротливата желба да се приближи до нашите граници, земањето на Украина во НАТО, сето тоа доведе до оваа трагедија“, рече тој.

Путин рече дека руската економија, погодена од западните санкции, ќе порасне за 3,5% оваа година, но исто така рече дека годишната инфлација може да достигне 8%, обвинувајќи ја владата за наглиот скок на цените на јајцата.

Додека тој зборуваше, прашањата од публиката се појавуваа на џиновскиот екран, а некои од нив се однесуваа на скапотијата на основните продукти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ