недела, 20 октомври 2024

Путин испрати предупредување до Западот

Објавено на

часот

Сподели

Додека зборуваше на Светскиот совет на рускиот народ, со кој претседава поглаварот на Руската православна црква патријархот Кирил, сликата на Путин беше прикажана на голем екран покрај две големи стари православни икони.

Руската православна црква отворено ја поддржува војната на Русија во Украина, а Путин го прифаќа нејзиниот конзервативизам како дел од својата визија за рускиот национален идентитет.

Путин рече дека Западот е зафатен од расистичка русофобија која ги прикажува Русите како нација на заостанати „робови“ и предупреди дека САД, според него, сакаат да ја распарчат Русија и да ги ограбат нејзините огромни ресурси.

71-годишниот Путин исто така ги предупреди Русите дека треба да ги научат лекциите од Болшевичката револуција во 1917 година, граѓанската војна и распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, кои според него довеле до поделби кај рускиот народ.

„Сакам да нагласам – секое надворешно мешање, провокации насочени кон предизвикување меѓуетнички или меѓурелигиски конфликти ги сметаме за агресивни акти против нашата земја“, рече Путин.

„Секој обид да се сее меѓуетнички или меѓурелигиски раздор, поделба на нашето општество, предавство, е злосторство против цела Русија. Нема да дозволиме никој да ја подели Русија“, додаде тој.

Предизборната кампања за претседателските избори ќе започне следниот месец и се очекува Путин да се кандидира.

Путин е на власт од 2012 година, а пред тоа владееше од 2000 до 2008 година.

Патријархот Кирил рече дека ќе се моли Путин да продолжи со работата „за доброто“ на Русија и рускиот народ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ